Италија и плаќа на Либија да лови мигранти на Медитеранот

Додека чека ЕУ да се договори сама со себе да направи нешто околу пипка-трепка правилата за мигранти (каде стапне мигрант таа држава станува одговорна за него), на Италија и стана јасно дека е полесно таа директно да се договори со Либија.

Во првите шест месеци од 2017, бројот на мигранти кои го преминуваат Медитеранот од Либија во Италија, е намален за речиси половина. Драстичниот во голем дел е резултат на договорот што двете држави го потпишаа во февруари.

Според договорот Либија има задача да ги пресретне и да ги врати назад сите мигранти кои со брод се обидуваат да стигнат до Италија. Задачата на Италија е да и исплати на 236 милиони долари на Либија и да ја обучи тамошната крајбрежна стража за пресретнување мигранти.

Инаку, моменталната поделба на власта во Либија е: една централна влада признаена од Обединетите нации, и 1.700 милиции со кои владата горе-долу има некаква соработка, вкучително во прибирањето мигранти.

Проблемот во ваквиот договор е што милициите кои ги враќаат мигрантите обично се истите оние кои им наплаќаат на мигрантите за префрлување до Италија. За да не го валкаат сопствениот бренд, милициите ги ловат и пресретнуваат мигрантите шверцувани од некој од конкурентите.

 

26 октомври 2017 - 16:12