Процената е дека бегалците ќе создадат повеќе работни места, ќе ја зголемат побарувачката на услуги и производи, и ќе ги пополнат празнините во работната сила на Европа (празнината од премногу пензионери и не доволно работници). Притоа не се очекува дека бегалците ќе влијаат на намалување на платите или на зголемување на невработеноста меѓу локалците.
Филипе Леграин, поранешниот економски советник на претседателот на Европската комисија, пресметува дека иако примањето на бегалците ќе го зголеми јавниот долг за речиси 69 милијарди во периодот од 2015-2020, во исто време тие ќе го зголемат и БДП-то за 126,6 милијарди долари.
"Инвестирање на едно евро за добредојде на бегалците може да донесе економски бенефит од две евра во рок од 5 години." се порачува во извештајот Хуманитарна инвестиција што носи економски дивиденди.
Намерата на Леграин е да го побие митот дека бегалците создаваат економски проблеми.
"Главното недоразбирање е дека бегалците се товар - и ова е недоразбирање што го споделуваат дури и луѓе кои се залагаат за примање на бегалците, кои мислат дека таа одлука скапо ќе ги чини, но сепак дека тоа е правилно.
Ама ова не е точно. Иако главна мотивација за прифаќање бегалци е дека тие бегаат од сопствената смрт, кога тие еднаш ќе стапнат кај нас тие почнуваат да придонесуваат за економијата," објаснува Леграин.
Неговите пресметки се и дека бегалците ќе помогнат околу демографската криза во Унијата, каде до 2030-та бројот на работоспособна популација се очекува да се намали за една-шестина (за 8,7 милиони луѓе), а возрасната популација да се зголеми за една-четвртина (за 4,7 милиони луѓе). Приливот на млади бегалци само ќе го зголеми бројот на работоспособни, кои ќе плаќаат за пензионерите.
Како успешен пример за селење на голем број бегалци, Леграин го наведува примерот со 800.000 Виетнамци кои беа преселени во САД по крајот на Виетнамската војна. Иако во тоа време сериозен товар на буџетот, денес оваа популација има натпросечни приходи и повисока стапка на вработеност од Американците родени во САД.
За било што од ова да се оствари, Леграин порачува дека е клучно Европа под итно да најде начин да го забрза вклучувањето на бегалците во работната сила.