Од загадување на воздухот предвремено умираат 3,3 милиони луѓе годишно, што за споредба е повеќе од ХИВ, маларија и грип, заедно. А издувните гасови од дизел се меѓу главните виновници во оваа равенка.
Главниот бум на дизел возилата се случува некаде во 1990-те, посебно во Европа, благодарејќи на технолошкиот напредок во изработување мотори. Во исто време владите извадени од памет од загадувањето почнуваат да сугерираат да се купуваат возила на дизел, за кои се верува дека емитуваат помалку ЦО2 отколку бензинците.
Првите пукнатини во ваквата логика почнуваат да се појавуваат дури во 2012, кога за прв пат има сериозни докази дека дизелот има катастрофално влијание по здравјето.
"Азотните оксиди и двооксиди (NOx) и ПМ честички од издувните гасови од дизелот се посочени како тивки убијци. Студиите почнуваат да се намножуваат.
Европската агенција за животна средина открива дека азотниот двооксид (NO2) од издувните гасови од дизелот има предизвикано 71.000 прерани смртни случаи низ Европа во текот на една година.
Светската здравствена организација ги прогласи издувните гасови од дизелот за канцерогени, причина за рак на бели дробови од иста категорија како азбест и иперит (боен отров)," пишува Адам Форест во текстот за Гардијан.
Во 2015 на светот и на Фолксваген му се случува Дизелгејт, скандал кој открива дека најголемата автомобилска компанија на светот со години ги штелувала резултатите на тестовите за издувни гасови. Истовремено сите тие години Фолксваген има масовна кампања за промоција на "чист дизел".
Првата позначајна реакција на сето ова дојде од неколку светски метрополи, Париз, Мадрид, Атина и Мексико сити, кои се согласија до 2025 сосема да забранат возење дизел возила во центарот на градот. На сличен памет се и политичките лидери што ја составуваат групата на глобални мега-градови - Ц40.
"Сепак забранувањето дизел мотори е попроблематично отколку што изгледа. Обемот на проблемот останува огромен. Во САД дизелот никогаш не успева да пробие, пред сè заради ниската цена на бензинот, и фокусираноста на американските компании на хибридни и електрични возила.
Ама во Европа, патничките дизел автомобили остануваат значаен дел од авто-индустријата: неверојатно, ама на нив се уште отпаѓаат речиси 50% од сите нови автомобили продадени во Европа.
Во меѓувреме, студија на најновите дизел возила од страна на Меѓународниот совет за чист транспорт покажува дека реалното загадување со азотни оксиди во просек е седум пати поголемо отколку што тоа го дозволуваат безбедносните граници. Друга студија на советот покажа дека најновите дизел возила произведуваат и до 10 пати повеќе NOx отколку големите камиони или автобусите, кои се далеку поригорозно регулирани отколку автомобилите," објаснува Форест.
Самата авто-индустрија прави се што е до нејзе да ги убеди владите да ја остават на мира. Така по глобалната економска криза индустријата добива "регулаторен одмор", во кој е олабавена од најразлични законски граници и правила. Во 2013 германската влада се согласи да го поддржи барањето за укинување на ограничувањето на бонуси за банкарите во ЕУ (на барање на Лондон), а за возврат ја добива британската поддршка за заштита на германската авто-индустрија и избегнување на построги ограничувања на загадувањето.