Дубаи, не е сè во брзината

Логиката е за да стигнеш побрзо до место на некоја несреќа ти треба Брза помош што може да развие што поголема брзина, на пример 260 км/ч. Ништо од оваа логика не води кон Лотус Евора. Ама не и во Дубаи.

Планот е да почне да се користи еден Лотус Евора и два Форд Мустанга како претходница на Брзата помош, за да им помогне на жртвите додека да дојдат амбулантните коли.

Ако е некакво алиби за докторите, треба да се има предвид дека тие можеби не планираат никогаш да ги искористат овие автомобили и дека ги набавуваат чисто заради љубомора кон сличните супер-автомобили што ги доби полицијата.

Од магазинот Вајард објаснуваат дека ако ова навистина им е намерата, тогаш грешат по две основи: прво, времето на реакција не е толку важно како што мислат, и второ, ги зголемуваат шансите да направат некоја беља додека брзаат да помогнат.

"Ова е кул и има одредена ПиАр вредност, ама клинички нема да направи разлика. Секоја реакција над 5 минути нема да го смени исходот за пациентот, се додека првата помош стигне во рок од 15 минути," објаснува Мет Завадски, портпаролот на компанијата МедСтар мобиле, која обезбедува Брза помош во повеќе градови во Тексас.

Според него брзата реакција е клучна само во случаите на срцев удар, а потребното време за ова не можат да го остварат ниту најбрзите тимови за прва помош, во најбрзите автомобили на светот. Неговиот став го потврдуваат и истражувањата од Колумбија Универзитетот, кои доаѓаат до ист заклучок.

Причината зошто се посветува толку внимание на брзината на реакцијата е тоа што (барем во САД) таа е основа за доделување на тендерите за оперирање во различни градови. Наместо тоа, Завадски им препорачува на колегите од Дубаи дека би било подобро да се фокусираат на клиничкиот исход.

За Завадски проблемот со Евората е што таа сериозно би помогнала само ако се работи за чисти пространства, ама во град, посебно како Дубаи, таа никогаш нема да може да ја постигне максималната брзина од 260 км/ч. На сето ова е и ризикот од сообраќајки кој посебно расте кога ваков автомобил е управуван од болничари, а не од професионални возачи.

 

21 октомври 2014 - 09:51