Мур во текстот за Хафингтон пост тврди дека Трамп се кандидирал за претседател чисто како преговарачка тактика, во надеж дека ќе извади подобар и поскап договор со Енбиси. Телевизиската мрежа со години го ангажираше Трамп како ѕвезда на реалното шоу Помошникот, меѓутоа го отпушти кога овој во кампањата ги нарече мексиканските имигранти "дилери на дрога" и "силувачи."
Откако му бил прекинат договорот, Трамп продолжил со кампањата само со цел да ја зголеми својата цена пред другите телевизиски мрежи.
"И тогаш нешто се случи. И да бидам искрен, ако ова ти се случеше на тебе, и ти веројатно ќе реагираше на ист начин. Трамп, на сопствено изненадување, ја запали земјата, посебно луѓето кои се спротивност на милијардери...
... Трамп повторно се заљуби во самиот себе, и наскоро заборави дека целта му е да извади подобар договор за неговото ТВ шоу. Повеќе не беше кралот на бизнисот - сега тој стана крал на светот," пишува Мајкл Мур.
Како мерки што Трамп ги презел за упропастување на својот рејтинг, Мур ги наведува нападот на семејството Кан, американци муслимани чиј син загина на служба во Ирак, како и импликацијата дека поборниците за вториот амандман (кој дозволува купување и носење оружје) би можеле да го искористат своето оружје против Хилари Клинтон.
"Можеби падот што му се случува изминатите неколку седмици не е случајност. Може е дел од неговата стратегија да излезе од трката која никогаш не планирал да ја истера до крај," пишува Мур.
Неговата проценка е дека Трамп попрво би се откажал од републиканската номинација, отколку да изгуби на денот на изборите:
"Верувајте ми, сум го запознал човеков. Минав цело пладне со него. Тој попрво би ги поканил Клинтон и Обама на неговата следна свадба, отколку на чело да е жигосан со буквата Л (L - loser) само неколку секунди по затворање и на последното гласачко место."