Магна Карта, или „Големата повелба", на којашто кралот Џон го ставил својот печат пред 800 години, во англиските говорни подрачја, особено во Британија и САД, е синоним за заштита фундаменталните човекови права и владеењето на правото, и претставува основа и за голем број правни системи во светот. Како таква ја фалат сите, од политичари до музичари, како на пример Џеј Зи, којшто го нарече неговиот најнов албум Magna Carta Holy Grail.
Но славата на овој историски документ од 1215, според Њујорк Тајмс, почива на неколку митови. Прво, документот, веднаш по неговото потпишување, во пракса се покажал како фијаско. Џон бил крал без голем авторитет, кој го потрошил богатството на земјата на бескорисна борба со Франција. Постојано зголемувајќи ги даноците за да ги плати неговите европски авантури, тој предизвикал револт кај благородниците. Тие го натерале да го издаде документот кој ги штител нивните имоти и права а ги ограничувал неговите, но бргу станало очигледно дека кралот не ги почитува одредбите. Благородниците се обиделе да го заменат (читај: убијат), но Џон ја избегнал ваквата судбина со тоа што самиот си умрел. Следната година Магна Карта е реиздадена од страна на неговиот син, Хенри Трети, но со верзија во која биле извадени неколку битни клаузули..
Втор мит е дека тоа е прв документ од ваков тип. Во 1908 претседателот на САД Вудроу Вилсон го нарекол почеток на уставно владеење, но всушност тој е само еден од бројните документи од тој период, во Англија или каде и да е, кој ги кодифицира ограничувањата на оној кој владее.
Трет мит е дека документот ги штити човековите слободи. Сепак, некои од одредбите го покажуваат токму спротивното - една од нив, на пример, ги спречува Евреите да пресметуваат камата на долг кој го направил малолетен должник, а друга го ограничува правото на жените да сведочат при судски процеси за некои убиства. Некои ставки пак се занимаваат со стапиците за риби во Темза.
Реално, Магна Карта била резултат на внатрешна елитистичка борба, во која богатите биле мотивирани да си ги зачуваат само нивните сопствени привилегии. Кога во повелбата се зборува за право на судење од еднакви по ранг, на пример, не се мисли на денешниот концепт на фер судски процес - таков во 1215 воопшто не постоело, туку вината се одредувала преку тоа како осомничените реагирале на физичкото мачење. Право на судење од еднакви на себе значело дека благородниците не можеле да бидат судени од „обични" луѓе, па ни од судии поставени од кралот.
Во текот на бурниот 17 век, Магна Карта била мета на опонентите на која и да е власт (Оливер Кромвел ја викал Магна Фарта). Во 18 век парламентарниот систем го заменил монархистичкиот апсолутизам, но овој документ продолжиле да се повикуваат реформаторите, сега со фокус на Парламентот наместо на кралот. Токму во 17 век тој пропатувал и преку Атлантикот, и извршил влијание врз подоцнежното составување на американскиот Устав.
Од тогаш Магна Карта е поинтересна за Американците отколку за Британците. Документот е стар, англиски е, но никој (или ретко кој) навистина го има прочитано. Оттаму, секој си го користи за да опише некој нов закон како праведен или крајно нехуман и неправичен. И Американците не се сами во ова - Магна Карта е споменувана и при судењето на Нелсон Мандела. Како и Светиот грал, и митот за Магна Карта изгледа дека е поважен од реалноста.