Британската влада го забрани терминот „фејк њуз“

Затоа што англискиот јазик и онака е богат со соодветни зборови и фрази, нема никаква потреба од користење на омилениот термин на Трамп, посебно не во службени документи на британската влада.

Официјалната забелешка е дека терминот е „лошо дефиниран и наведува на погрешен заклучок, комбинирајќи мешавина на неточни информации, од вистинска грешка до странско мешање во демократските процеси“. Наместо тоа, државните функционери се поттикнуваат да го користат терминот „дезинформација“.

„Фејк њуз“ и понатаму може слободно да се користи во усни дебати и расправи, се додека нема пишана трага од него во официјалните документи.

Забраната следува по истрагата на Комитетот за дигитал, култура, медиуми и спорт, во која анализира како социјалните медиуми би можеле да се употребат за влијание врз изборите.

На крај од истрагата од Комитетот и предлагаат на Владата:

„Да го отфрли терминот ’фејк њуз’ и наместо тоа да даде прифатена дефиниција за’дезинформација’ и ’наведување на погрешен заклучок’. Со таква споделена дефиниција и јасни упатства кои треба да ги следат компаниите, организациите и Владата, ќе има општа конзистентност на значењето низ различни платформи, која потоа може да се искористи за регулирање и спроведување.“

Меѓу предлозите од документот е и да се воведе данок на Фејсбук и Твитер, со кој подоцна би се финансирало образованието. Овој предлог е одбиен.

24 октомври 2018 - 18:00