По Карл Маркс, класната борба има апокалиптична логика. Пресметката на големото мнозинство против малата плутократија според него несомнено требало да заврши со Работници - Богаташи 1:0. Тој исто така верувал дека револуционерниот пролетерски импулс е фундаментално глобален - дека работничките класи преку ридови и мориња ќе се обединат преку нивното заедничко искуство на беда и бездушноста на фабричката работа. Во тоа време идејата дека сиромашните низ светот се горе долу на исто била разумна. Според економистот на Светската банка Бранко Милановиќ, кога бил напишан „Манифестот на комунистичката партија" во 1848-ма, некои земји биле побогати од другите, но она што се сметало за приход кој би дефинирал некој човек како богат или сиромав во Англија главно бил еднаков на оној во Франција, САД, па дури и Аргентина.
Но како што индустриската револуција добила на сила, работите драматично се смениле во текот на следниот век. Така, излегло дека Маркс не предвидел добро. Неколку години по „Манифестот" платите на работниците во Британија почнале да се зголемуваат. Трендот продолжил и во останатиот дел од Европа и Северна Америка. Работите дошле до таму што ако во 1870 бруто домашниот производ во Британија бил 3,190 американски долари а во истото време во Африка 648, во 2010 Британија по глава на жител имала бруто домашен производ од 23,777 долари, а Африка 2,034. Значи ако пред 150 години просечниот Африканец бил 1/5 богат во однос на неговиот британски „колега", денес тој вреди помалку од една десетина.
Додека Американците креваат џева за апсурдно големите плати на извршните директори, еден друг важен економски факт се пренебрегнува: дека како што Западот почнал економски да расте, јазот во приходите помеѓу земјите почнал да станува толку голем што разликите внатре земјите почнале да изгледаат минорни. На пример, додека некој во Лондон можеби се бори да врзе крај со крај, ако се пресели во Лагос за истата работа тој може да живее како буржоазија. Милановиќ проценува дека просечниот приход на најбогатите 5 проценти во Индија се речиси исти како и оние на најсиромашните 5% во САД. Најмалку платените работници во Европа и САД се многу побогати од нивните колеги во неразвиените земји, па и од мнозинството луѓе во овие земји кои се уште заработуваат од земјоделство или микропретприемништво.
Ете тоа е современата причина зошто „работниците од сите земји" никако да се обединат. Но можеби наскоро работите ќе се сменат заради глобализацијата. Во последниве 10 години стапката на развој во посиромашните земји е многу поголема од онаа на богатите, што го намалува јазот во просечните приходи. Економистот Арвинд Субраманиан проценува дека Кина во 2030 ќе биде исто толку богата колку денес целата ЕУ, а и дека Бразил нема да биде далеку. Кажано едноставно, наскоро добар дел од светот ќе биде, ако не богат, тогаш барем солидна средна класа. За таков живот работниците од викторијанска Британија можеле само да сонуваат - неонско осветлени канцеларии наместо мрачни фабрички хали, и 40 години подолг живот од просечниот човек во 1848.
Но токму затоа што богатите и соримашните во Лагос и Лондон ќе почнат да живеат слично во економска смисла, до 2030 можеби и навистина ќе се обединат. Тие проектирани 3,5 милијарди луѓе од средната класа, образовани и свесни, можеби конечно ќе сфатат колку имаат заедничко во споредба со убербогатите елити во сопствените земји. Тие ќе ги притиснат своите влади за да обезбедат нивната пот и крв да не ги презбогати глобалните капиталисти, да ги затворат даночните раеви каде светските плутократи ги кријат нивните заработувачки, и ќе се трудат да отворат слободно движење на трудот насекаде, а не само во поединечните земји.
Средната класа никогаш не изведувала револуции ама нејзината идна сила во прераспоредувањето на моќта би можела да измами шеретска насмевка кај стариот Маркс.