
Кабинетот на премиерката Џорџа Мелони го одобри предлог-законот презентиран од министрите за здравство и за семејство со кој се ограничува пристапот на малолетници до лекови што го потврдуваат полот и го блокираат пубертетот во третмани на родова дисфорија.
Овие лекови ќе се издаваат само во болнички аптеки според протоколи што треба да ги изготви Министерството за здравство и по одобрување од Националниот етички комитет на педијатри.
Се воспоставува и национален регистар во Италијанската агенција за лекови за следење на правилната употреба на овие лекови. Ќе се чува детална медицинска историја на секое трансродово лице кое се лекува.
Родовата дисфорија е клиничка дијагноза на стрес што може да произлезе од несовпаѓање помеѓу родовиот идентитет на лицето и полот при раѓањето.
Законот е потребен за да се заштити здравјето на малолетниците и за да се овозможи ефикасно следење на податоците, наведува владата.
Во трите години од владеењето на Мелони, нејзината десничарска коалиција воведе низа мерки за заштита на традиционалните семејни вредности. На истополовите двојки што живеат заедно со деца сега им е отежнато да бидат признаени за законски родители, а на сите двојки им е забрането да заминат во странство за да добијат бебе преку сурогат мајчинство.
Групите за ЛГБТ протестираат против новиот закон, кој се очекува да биде усвоен во парламентот.
Ова е форма на профилирање на трансродовите лица, со сите нивни чувствителни податоци во рацете на агенција назначена од владата, реагира Роберта Париџани, портпаролка на Движењето за транс идентитет.