
Дури 79% од израелските Евреи „воопшто не се вознемирени“ или „не се вознемирени“ од извештаите за масовен глад и страдања на палестинското население во Газа, покажува анкета спроведена при крајот на јули од Центарот за јавно мислење Витерби при Израелскиот институт за демократија.
На прашањето дали Израел вложува значителни напори за да се избегне непотребно страдање на Палестинците во Газа, 78% од еврејските испитаници се согласиле дека „дејствијата на Израел се ограничени од борбите со Хамас“.
Сосема спротивно е мислењето на израелските Арапи - дури 86% се изјасниле дека се „многу“ или „до некаде“ загрижени поради ситуацијата во Газа. Само 22,5% веруваат во тврдењето за „хуманата мисија“ на израелските сили.
Во сличен однос Евреите (70%) и Арапите (29%) веруваат во билансот на цивилни жртви во Газа што го објавуваат Израелските одбранбени сили, кој е неспоредливо понизок од извештаите дека во Газа веќе загинале повеќе од 60.000 луѓе, претежно жени и деца.
Само 15% еврејските испитаници (и 66,5% од арапските) се согласуваат дека „дури и со ограничувањата поради борбите, Израел би можел значително да ги намали страдањата на Палестинците во Газа, но избира да не го стори тоа“.
Засилениот антисемитизам и вознемирувањето на Израелците низ светот, како реакција на војната во Газа, обесхрабриле 21,5% од Евреите да откажат патувања во странство, а 54,5% ја промениле планираната дестинација.
Огромна е и разликата во ставовите за иднината на Израел врз основа на идеолошката определба на Евреите. Меѓу десничарите 56% се оптимисти за националната безбедност, 55,5% за демократското владеење и 39% за иднината на економијата. За споредба само 18,5% од левичарите изразиле оптимизам за безбедноста, 12% веруваат во демократско владеење и 10,5% очекуваат стабилна економија.
Анкетата била спроведена преку интернет и телефонски јавувања помеѓу 27 и 31 јули. Биле интервјуирани 601 мажи и жени над 18 години на хебрејски јазик и 152 на арапски, што претставува национално репрезентативен примерок од возрасната популација во Израел.