Моменталниот консензус ги обвинува „елитите“ - во академскиот свет, медиумите и бизнисот - за тоа што станале премногу обземени со нивниот релативно космополитски и поврзан свет, па не успеале внимателно да ги чујат помалку образованите и поврзани групи. Бидејќи овие вторите се оние што имаат најмалку бенефит од глобализацијата, тие било најверојатно да го одбијат постењето на наднационални институции (во случајот со брегзит) или кандидати на естаблишментот (во случајот со Трамп). Нивното игнорирање, на многу начини, е очигледна грешка.
Овој став има значителна тежина. „Групното размислување“ редовно влијае на денешната финансиска и интелектуална елита, вклучувајќи ги и анкетарите, кои често пати имаат слично образование, работат заедно, читаат исти медиуми и одат на ист конференции и настани, од Давос до Аспен.
Членовите на оваа толпа обично веруваат дека ја научиле големата лекција на историјата. Тие го осудуваат расизмот, па дури и поблагите форми на етноцентризам, и е малку веројатно да се противат на феминизмот. Иако овие групи не се пример за разноликоста, постои распространето признавање на вредноста на разноликоста, и доминацијата на мажот, барем, почнува да се намалува.
Другиот заеднички именител за оваа група е богатството. Иако не сите членови на групата се мултимилионери, тие обично го имаат образованието и вештините потребни за да се стекне корист од економската глобализација. Како резултат на ова тие до неодамна, барем во САД, не го препознаваа растот на нееднаквоста како голем проблем (иако, добар дел од најбогатите елити се вклучени во исклучително обемна филантропија).
Јасно е дека космополитските елити што носат индиректни одлуки во клучните сектори, од бизнисот и финансиите до политиката, мора да внимаваат на незадоволството на помалку успешните, помалку образованите, и помалку поврзаните. Наместо да се собираат со истомисленици, тие мора да создадат платформи што ќе ги поврзат луѓето од многу поразнолико минато и околности - вклучувајќи ги и оние чие искуство со глобализацијата е многу поинакво. Таквите платформи ќе помогнат во справување со поделеноста во јавната дебата.
Сепак, идеолошкиот „балон“ не е единствениот проблем. Прво, елитите не само што не успеаа да ги предвидат неодамнешните победи на популистите, туку и да предвидат дека изразитиот непопулист Франсоа Филон би победил на партиските избори кај француските републиканци со огромна разлика. Очигледно, игнорирањето на гневот на работничката класа не е единствениот фактор што ги блокира нивните политички радари.
Секако, смирува верувањето дека, кога овие факти би биле подобро познати и кога луѓето би можеле за нив помалку пасионирано да зборуваат, гласачите би станале пообединети, а политиката поконструктивна. Меѓутоа дури и со подобар дискурс базиран на факти, интересите на луѓето ќе се разидуваат.
Оние што гласаа за брегзит или за Трамп не само што едноставно не успеаа да ги разберат вистинските бенефити на глобализацијата; туку ним моментално им недостигаат способност и можност за обезбедување на парче од питата. Вон комуникациите, постои вистинска потреба за редистрибутивни политики, кои во својата срж не се вин-вин. Оние што најмногу ќарија од слободната трговија и технолошката револуција мора преку даноци, субвенции и поддршка за вработување, активно да им компензираат на оние што изгубија.
Слично, претпоставката дека либерално-демократскиот Запад во најголем дел е конзистентен во своите економски и геополитички интереси е фундаментално погрешна. Вистината е дека традиционалните западни сили, и покрај тоа што имаат многу заедничко, се разидуваат во многу области, од енергетската политика до безбедноста. Во овој контекст, едноставното подобро комуницирање и согласноста околу фактите нема да биде доволно за постигнување договор за соработка. Ќе бидат потребни преговори, и двете страни да жртвуваат нешто.
И двата проблема наведуваат на поголем пропуст во западниот поглед на светот: верувањето во вин-вин решенија. Всушност, либералната демократија, во нејзините централно-десничарски и централно-левичарски инкарнации, е проследена од верувањето дека такви решенија (од кои најважното е мирот) можат да бидат од корист за „општеството“ - или целото човештво - на долг рок. Демократијата ги преговара можните извитоперувња и ги менаџира краткорочните жртви. Ама, на крај, сите имаат корист.
Секако, неуспехот да се постигне вин-вин решение често пати резултира со луз-луз ситуации. Во првата половина од минатиот век, сите веруваа дека неуспехот да се освои земјоделско земјиште ќе ја осуди државата на глад. Денес, слични аргументи се прават за енергијата.
Реалноста е многу покомплицирана. За економиите да ја обезбедат „победата“ на инклузивен раст, многу богатите ќе мора да прифатат форма на регулација и оданочување, вклучувајќи и меѓународни правила, кои на долг рок ќе ги чинат значителен дел од богатството. Иако тоа нема да ги претвори богатите во губитници, не може да се негира дека ќе дојде до одредена загуба.
Она што либерално-демократскиот пристап добро го има научено е дека секогаш има простор за компромис. Иако не секој ќе си замине дома како вистински победник, за поединците и државите е подобро да работат заедно и да постигнуваат договори отколку да освојуваат и чуваат ограничен простор и ресурси со сите расположливи средства. Цената на модерните конфликти, вклучувајќи ги и политичките кризи, е премногу голема, до таа мера што дури и победниците на крај пак изгубиле.
Соочени со неодамнешните погрешни пресметки, ние мора да ги рекалибрираме нашите политички радари - дури и ако тоа значи земање предвид на сите потенцијални извори на пречки, а не само на оние што одговараат на тесниот наратив. Тука, фундаменталната разлика во погледот на светот на либералните или социјалните демократи и радикалните идеолози, без разлика дали националистички или други, може да има најголеми последици. Првите треба да ги прифатат среднорочните вин-луз ситуации, меѓутоа да ја одржат долгорочната верба во постепените демократски промени дома, додека работат на одржување на меѓународниот мир.
Кемал Дервиш,
поранешен турски министер за економија и прв човек на УНДП
П.С. И Жижек има нешто да каже на темава.