
Турската демократија е на апарати за одржување во живот. Се чини дека конечно пристигна моментот за кој милиони ширум земјата долго време се плашеа дека ќе се случи под тврдокорното владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган: дрско апсење на политичките противници. Значењето на она што се случува јавноста го знае, а десетици илјади продолжуваат да протестираат ширум Турција и покрај сè построгиот одговор на владата.
Уапсен беше популарниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу. Како очекуван претседателски кандидат за главната опозициска партија во Турција, се очекуваше тој да биде најсериозниот предизвик за Ердоган откако дојде на власт во 2002 година. Иако изборите во Турција треба да се одржат до 2028 година, Имамоглу веќе почна да го надминува Ердоган во многу анкети. Ова веројатно е причината зошто Ердоган одлучи да дејствува сега и да ја запре реалната политичка закана за неговото владеење. На 19 март, полицијата го уапси Имамоглу во неговиот дом и го натовари со повеќе дела, вклучително и корупција и поттикнување терористичка организација. Имамоглу, кој според извештаите бил подложен на брутално, деветчасовно испрашување, ги негира обвиненијата.
Ова е битен момент во историјата на модерна Турција. Последниве години, Ердоган имаше огромна извршна моќ и ефективна контрола врз судството и повеќето медиуми - особено по обидот за државен удар против него во 2016 година, што го поттикна наредната година да го промени уставот во негова корист. Сепак, до апсењето на Имамоглу, Турција сè уште беше демократска држава. Изборните шанси беа многу наклонети кон Ердоган, но популарните опозициски кандидати сè уште можеа да се борат против него на релативно слободни и фер избори. На 19 март сè се промени. Со апсењето на Имамоглу, заедно со неговите топ советници и други локални функционери, Турција ја премина границата од демократија во отворена автократија.
Реакцијата на јавноста беше импозантна. Огромни делови од турското општество, вклучително и оние кои традиционално го поддржуваат Ердоган, застанаа зад Имамоглу. Повеќе од една недела имаше масовни и постојани јавни протести низ целата земја. Според повеќе извештаи, досега се уапсени речиси 2.000 луѓе.
Поддршката за Имамоглу стана очигледна пред нешто повеќе од една недела, кога неговата Републиканска народна партија ги одржа своите прелиминарни претседателски избори и покрај апсењето на градоначалникот. Откако го отворија прелиминарното гласање за непартиските членови, Имамоглу доби 15 милиони гласови. Ова го покажува моментумот што тој и партијата го градеа од 2019 година, кога победи на изборите за градоначалник на трите најголеми турски градови: Истанбул, Анкара и Измир. Изборни резултати Ердоган сè уште одбива да ги прифати.
Многу Турци добро знаат дека во прашање е турската демократија. Но, ако очекуваат поддршка од европските лидери, ќе бидат разочарани. Одговорот на ЕУ , очекуван со оглед на нејзината поддршка за неодамнешниот пуч против демократијата во Романија, во најдобар случај, беше млак. Минатата недела, Европската комисија порача дека Турција треба „да ги поддржува демократските вредности“, ама, толку. Додадоа и дека сакаат „Турција да остане закотвена во Европа“.
САД исто така молчат. Минатиот месец, потпретседателот Џеј-Ди Венс ги осуди земјите на ЕУ поради нивното повлекување од „фундаменталните вредности“ како демократијата и слободата на говорот, но не кажа ништо за апсењето на лидерот на политичката опозиција од страна на претседателот на американскиот сојузник во НАТО.
Турските граѓани, кои протестираат против нападот врз нивните права, заслужуваат многу повеќе. Ним им е потребна целосна поддршка од демократите насекаде. Турската демократија мора да се спаси.
Хуго Тимс, Спајкд