Конфликтот во Сирија се случува најмалку на три нивоа: локално, регионално и глобално. И бидејќи се дозволи борбата да загнојува и да се шири, до сега загинаа околу 250.000 луѓе. Летово, УНХЦР објави дека од Сирија пребегале 4 милиони луѓе, како дополнување на 7,6-те милиони кои се внатрешно раселени. Во меѓувреме бранот на сириски бегалци кон Европа се претвори во еден од најголемите предизвици со кои Европската Унија некогаш се соочила.
Сириската војна исто така стана една од најплодните почви за развој на исламистичкиот тероризам, како што покажаа нападите на ИСИС во Анкара, Бејрут и Париз, и бомбата во рускиот патнички авион на Синајскиот полуостров. Дополнително, турското соборување на руски воен авион го зголеми ризикот дека и големите сили ќе бидат вовлечени во конфликтот. Сепак, на Турција, како на член на НАТО, и следува помош од Алијансата доколку биде нападната.
Од овие причини, Сириската војна мора да биде колку што е можно побрзо доведена до крај. Не само затоа што се влошува хуманитарната катастрофа од ден на ден; туку и заради безбедносните ризици кои произлегуваат од војната.
По нападите од 13-ти ноември во Париз, се појави нова шанса за ставање крај на сириската агонија, бидејќи сите важни играчи (освен ИСИС) сега се подготвени да седнат заедно на преговарачката маса. Меѓутоа, иако сите играчи се согласија дека борбата против ИСИС прва и најважна точка, допрва треба да се види дали тие ќе го сторат тоа.
Курдите во северна Сирија и Ирак се најефективните борци против ИСИС, меѓутоа нивните национални амбиции ги прават противници на Турција. Иран и Саудиска Арабија првенствено се борат еден против друг за регионална доминација, потпирајќи се на не-државни елементи. Русија се бори за глобален статус и против каква било форма на промена на режимот.
Така Русија се наоѓа себе си во алијанса со Иран во поддршката на диктатурата на Асад, додека Иран, ги брка своите геополитички интереси поддржувајќи ги шиитските сојузници во Либан, Хезболах, за кои сириската поддршка е незаменлива. Франција е станата посериозна од кога било околу борбата против ИСИС, додека Германија и останатите Европејци се чувствуваат обврзани да помогнат - и да го намалат бројот на бегалци кои доаѓаат од регионот.
САД во меѓувреме оперираат со крената рачна кочница. Претседателот Обама пред се' сака да избегне мешање на САД во уште една војна на Средниот Исток пред истекот на неговиот мандат. Додека главната глобална сила останува крај аут линијата, неизбежно е создавањето на крајно опасниот вакуум на моќта, кој рускиот претседател Путин гледа да го искористи.
Конкретно, бидејќи САД одбиваат да водат, а Европа воено е премногу слаба за сама да влијае на настаните во Сирија, постои опасност од де факто Европска алијанса со Русија на Путин. Ова ќе биде смртна грешка, имајќи предвид дека каква било соработка со Русија нема да ја ограничи или заврши војната во Сирија: всушност, има причини зошто треба да се стравува од спротивното: секаква воена соработка со Асад - што е целта и цената на Путин - ќе испрати големо мнозинство од Сунитите во рацете на радикалните исламисти.
Ваквата тенденција веќе е видлива во Ирак. Шиитски доминантната влада на поранешниот премиер Нури ал-Малики одигра одлучувачка улога во радикализирањето на ирачките Сунити, давајќи им причина да го поддржат ИСИС. Ќе биде екстремно глупаво истата грешка свесно да се повтори и во Сирија. Всушност, правењето таква зделка нема никаква врска со реалната политика, бидејќи војната во Сирија не може да заврши се додека ИСИС или Асад се уште се во сликата.
Секоја западна соработка со Русија мора да избегне два исхода: поврзувањето на Сирија со Украина (преговорите со Иран за ограничување на нуклеарната програма успеаа без такво поврзување) и воена соработка со Асад. Наместо тоа, треба да се направи линк за воена интервенција против ИСИС, спроведена под надзор на Советот за безбедност на О.Н., со договор за процесот за политичка транзиција кој ќе се движи од примирје до влада на национален спас на Сирија и крај на режимот на Асад.
А има и други големи предизвици кои демнат вон Сирија: пропаста на Ирак во хаос, кој е блиску поврзан со сириската трагедија, се заканува да се претвори во ново боиште меѓу Иран и Саудиска Арабија. Освен ако оваа борба за регионална хегемонија не е спречена, понатамошните војни (преку трети елементи) - со сите ризици кои ги носат - се неизбежни.
На крајот, одлучната борба со исламскиот екстремизам ќе се одигра во сунитската заедница. Која форма на сунитски ислам ќе преовладее - саудиската вахабистичка верзија или помодерната и поумерена? Ова е одлучувачкото прашање во борбата против ИСИС и неговата сорта. Во овој контекст, важен фактор ќе биде како Западот ги третира своите муслимани - како добредојдени граѓани со еднакви права и обврски, или како перманентни странци и расад за џихадисти.