По победата на Трамп на американските претседателски избори (победа што беше изненадување само за индоктрираните, заведените, залудените или купените), Европа се однесува како сираче што останало без моќниот татко што до сега го држеше за рака и го водеше каде сака. Европа не знае. Европа прашува. Европа мора да дознае. Европа предупредува. Кого? Новиот човек што од следната година ќе ја запоседне Белата куќа. Кога велиме Европа, мислиме, секако, на Европската Унија, иако и она малку земји од Стариот континент што сè уште не станале нејзини членки се во небрано и не знаат накај кого да се свртат и од кого да очекуваат насоки за понатамошно однесување.
Токму таа потполна изгубеност, дезориентираност и - не претеруваме - страв од ситуацијата во која сама мора да мисли за себе и да преземе одговорност за она што го прави, е карактеристиката на Европа по победата на Трамп. Бидејќи ако му се верува на него, „повеќе ништо нема да биде како што било“, а Европа уште од првите денови на победата против наци-фашизмот и крајот на Втората светска војна, и посебно во времето на Студената војна и крајно напнатите односи меѓу Истокот и Западот, едноставно се научи на улогата на американски потрчко. Исклучок беше Франција во времето на претседателот Шарл де Гол, кој својата земја дури и ја извади од НАТО пактот, сметајќи дека со организацијата доминираат Американците на начин што е неспоив со неговото разбирање на француската улога на меѓународна сцена. Меѓутоа останатите покорно ја следеа американската политика, иако нивната јавност повремено крајно отворено се бунеше против неа (на пример, бранот протести против војната во Виетнам, жестокиот отпор против стационирањето ракети со среден домет со нуклеарни глави во Германија). Меѓутоа важно е дека владејачките елити ја прифатија улогата на следбеници на Соединетите Држави, и тоа следбеници што не поставуваат многу прашања (за да не го налутат водачот).
Дури и последниве години, кога изби аферата од глобални размери, активностите на американските разузнавачки служби што низ светот прислушуваат кого ќе посакаат, вклучувајќи ги и водечките политичари на сојузничките земји, никој од тие сојузници, во реалноста сведени на положба на следбеници, не се осмели да го направи она што секоја земја што држи до себе би го направила во слична ситуација: да испрати протестна нота, остро да побара прекинување на секој вид прислушување и да го отповика својот амбасадор од Вашингтон на консултации со неутврден рок на траење. Не, Стариот континент, на кој добар дел од неговата историја му дава право да се постави како супериорен во однос на Америка (иако не и економски и воено), остана во улогата на истурен играч во играта, која ни сам не ја смисли ниту пак ја води.
Може ова до некаде ќе беше разбирливо кога континентот беше поделен на западен (демократски) и источен (авторитарен, социјалистички) дел и кога 'големиот брат' од онаа страна на Атлантикот му беше потребен на Западот како противтежа на Хегемонот од Истокот. Иако и во тоа време беше јасно - на секој што реално ги согледувал работите - дека во Европа може да се води (и) политика насочена во прв ред кон доброто на Европа. Ова најевидентно го потврдува периодот на владеење на западногерманскиот канцелар Вили Брант и неговата „источна политика“. Признавање на (источно)германската граница кон Полска, наоѓање заеднички јазик со „другата“ Германија (ГДР), иако Бон никогаш официјално не го призна Берлин-Панков, тоа се работи што беа речиси незамисливи во сценариото по кое до тогаш се водеше Студената војна. Меѓутоа тие минаа бидејќи во Вашингтон во тоа време Никсон и Кисинџер коваа стратегија на детант, настојувајќи (што и ќе им успее) да ги затоплат и нормализираат, колку што тоа беше реално можно, односите меѓу Америка и Советскиот Сојуз. Пример за сопствената политика на европско тло несомнено дава и тогашната Југославија, па дури и движењето наречено еврокомунизам, настанато врз придобивките на југословенската самостојна политика (во однос на Москва), демонстрираше дека во Европа има идеи, знаење и храброст да се оди по патот што ќе биде ничиј освен европски. И дека има политичари подготвени да одат по тој пат.
Цело тоа време се развива проектот на европско обединување, започнат преку Заедницата за јаглен и челик (првата брана од некој судир во Европа за генерацијата што има доживеано војна), за во наше време да биде оформен како Европска Унија. Иако Унијата (тогаш сè уште Заедница) по распаѓањето на т.н. социјализам и дезинтеграцијата на Советскиот Сојуз, го доживеа својот прв голем бран на проширување и навистина стана сеевропски проект, таа истовремено направи и голем чекор наназад, кога - за волја на никогаш победениот национализам на Западот и нагло разбудениот национализам на Истокот - е дефинитивно отфрлена, дури и во перспектива, идејата за Соединети Европски Држави. Иако Вашингтон отсекогаш вербално ја поддржува ЕУ, објективно на тамошните стратези не им беше во интерес силна Унија. Тие сакаа силен НАТО, кој од исклучиво европски одбранбен сојуз го претворија во моќно оружје на својата политика на глобална сцена. Ова се виде и во непишаното правило секоја земја-аспирант за членство во ЕУ претходно да мора да биде примена во НАТО, што се третира како еден вид успешно положен приемен испит и ја квалификува за членство во Европската Унија.
Американската политика по познатите терористички напади во Њујорк во 2001 година, ја инаугурираше поделбата на стара и нова Европа, при што во оваа „нова Европа“, од перспектива на Вашингтон, беа земјите подготвени да слушаат и да спроведуваат инструкции што доаѓаат од онаа страна на Атлантикот. Оваа „нова Европа“ ослободена од советската помош, а така желна да прифати нова од другата страна на светот, без поговор ѝ ракоплескаше на т.н. Арапска пролет и курсот на заострување на односите со Русија по познатите случувања во Украина (кои исто така поинаку би изгледале без активно мешање на Западот и САД). Денес и старата и новата Европа остануваат без „татко“, кој ги води за рака и кој кажува што, како, кога и каде треба да се работи, без разлика за што станува збор. Односно, доаѓа нов, непознат татко. А инструкции нема!
Доналд Трамп може да се доживее вака или онака, како олицетворение на црниот ѓавол или како човек што има нови идеи, од кои некои се охрабрувачки (отфрлање на политиката на наметнување режими), а некои загрижувачки (негирање на феноменот на глобално затоплување). Но тука не станува збор за Трамп, туку за Европа и Европската Унија. А ни тој континент ни таа Унија не покажаа дека заслужуваат да бидат третирани како полнолетни, како зрели. Европската Унија - не од вчера - ја прокоцка единствената шанса да стане рамноправен партнер на САД, Русија или Кина, демонстрирајќи ја својата неспособност да утврди заедничка било надворешна, било безбедносна политика, покажа - вчера - трагично неснаоѓање во соочувањето со бегалскиот бран (на кој без американската политика, таква каква што беше, сигурно немаше да сведочиме) и демонстрираше - денес - потполно неснаоѓање и изгубеност во моментите кога станува јасно дека во Белата куќа влегува кандидат што не е по волја на моќните финансиски и политички кругови.
Па затоа Европа на светската сцена стои како сираче.