Ако ги следите овие работи внимателно, можеби веќе сте го виделе клипчето како на претседавачот на Михенската конференција за безбедност му навираат солзи, немоќен да прозбори и да го коментира говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс. Сцената е впечатлива бидејќи претседавачот Кристоф Хојсген не е ситен апаратчик, туку софистициран и учен функционер, советник за национална безбедност на германската канцеларка Ангела Меркел од 2005 до 2017 година.
Тој беше во првиот ред при епохалните одлуки на Меркел - да ги затвори нуклеарните централи во 2011 година, да прими 1 милион машки муслимански „бегалци“ во 2015 година и да ги одржи трошоците за одбрана далеку под нивото од 2% што го бараа втората администрација на Обама и првата на Трамп. Како шеф на германската делегација во ОН во 2018 година тој беше споделуван на социјалните медиуми како му се смее на Трамп додека американскиот претседател ја критикуваше германската зависност од рускиот природен гас.
Солзите на Хојсген прилегаа на политиките на Меркел, кои своевремено беа величани од европските елити, а сега се во урнатини, забележува „Економист“.
Говорите на Венс во Минхен и претходно во Париз ја критикуваа општо Европа и посебно Германија поради задушувањето на технолошките иновации, ограничувањето на говорот, особено за масовните миграции, поради издвојувањето пари за одбрана далеку под целите на НАТО. Европските елити одеа по свое и ги водеа своите општества по надолна патека.
Сè ова, забележува германскиот новинар Волфганг Муншау, го означи крајот на трансатлантскиот сојуз. Одлуката на Трамп да ги води преговорите за крај на војната со рускиот претседател Владимир Путин, а не со украинскиот Володимир Зеленски ниту со кои било други европски лидери, само ја потврдуваат оваа импресија.
Ова е причина за жалење за оние што се сеќаваат на успесите на американскиот трансатлантски сојуз соочен со советската агресија по Втората светска војна. Со Маршаловиот план во 1947 година Америка ја заживеа разурнатата економија на Западна Европа, спречи победи на комунистите на изборите во Италија и во Франција во 1948 година, ја одржа слободата на Берлин со евакуацијата во 1948 и 1949 година и ја воспостави алијансата НАТО во 1949 година.
Резултатите беа просперитетна и слободна Западна Европа во следните три децении („les trente glorieuses“, како што велат Французите) и пропаста на Советската империја од 1989 до 1991 година. Мирот преовладуваше во Европа 80 години.
Поствоеното државништво на Америка беше помалку успешно во Азија. На американските лидери не им успеа да го спречат комунистичкото преземање на Кина во 1949 година, а 37.000 Американци загинаа спречувајќи комунизам во Јужна Кореја од 1950 до 1953 година. Близу 58.000 Американци загинаа во Виетнам, кој падна во 1975 година. Во меѓувреме, јапонската економија имаше бум. Следуваа Кореја, Тајван, Хонг Конг и Сингапур, а потоа дури и Кина, забрзувајќи го развојот во деведесеттите години.
Денес живееме во свет што е прилично економски различен од оној што градителите на трансатлантскиот сојуз го создадоа во трите поствоени децении. Како што Елбриџ Колби, предложен за трет човек во Пентагон, тврди во својата книга од 2021 година „Стратегија на отфрлање“, САД создаваат повеќе од една петтина од светскиот економски производ, Европа речиси исто толку, а Азија, вклучувајќи ги Кина и Индија, речиси една половина.
И, како што забележа Венс пред една недела, додека Америка и Кина произведуваат иновативна технологија, Европа, фонтаната на креативноста од 17 до раниот 20 век, сега се задушува во пререгулација. Криминалните гонења поради говор, вклучувајќи и поради потврдени извештаи за напади од мигранти, па дури и поради политички некоректни изјави за абортус од луѓе во сопствените домови, се несфатливи за американските навики. И додека Источна Европа ги зголеми трошоците за одбрана, како одговор на заканите од Русија, големите нации од Западна Европа заостануваат.
Надворешната политика на администрацијата на Трамп се чини го следи урнекот на Колби. Неговата стратегија изгледа дека е да се остави Европа, да се затвори Русија во нејзината непријателска регионална хегемона моќ, а да се остави Израел (со поддршката од Аврамовата спогодба) самиот да се справува со својот непријателски регионален хегемон Иран.
Но, изразената негативна реакција поради губењето 7.000 Американци во Ирак и 2.500 во Авганистан ги обесхрабри администрациите на Обама, Трамп и Бајден да испратат какви било американски сили во Украина, каде што жртвите можеа да бидат многу поголеми, или во Ирак по неуспехот во Ирак.
Колби тврди дека САД повеќе немаат одбранбен капацитет да водат две, па ни една ипол војна во исто време. Развојот на релативно евтиното дефанзивно оружје, како дроновите и хиперсоничните ракети, ја зголемуваат ранливоста на нашиот релативно мал број софистицирани и скапи носачи на авиони и борбени летала.
Главната цел на американската надворешна политика, според овие аргументи, треба да биде изградба на одбранбени капацитети и засилување на гардот, за да ѝ им стане јасно на кинеските лидери дека немаат шанси да го грабнат Тајван. Тоа треба да ја надгради соработката со регионалните сојузници, особено Јапонија, Индија и Австралија. Обемот на смрт и уништување предизвикани од каква била војна во тој регион би бил незамислив - освен ако не ѕирнеме во историјата на војната помеѓу Јапонија и Кина од 1937 до 1945 година.
Во меѓувреме, како и за време на најдобрите години од трансатлантското партнерство на чело со Америка, треба да се направат и грди нешта. Неуспехот на украинската офанзива во 2023 година, немањето желба во Америка и капацитет во Европа да испратат сопствени воени сили или поефикасно оружје во Украина во 2023 и 2024 година, ги стеснија алтернативите на континуирана насилна војна или морално незадоволувачки мир.
Можете да ламентирате како мене, на студената индиферентност на Венс кога во февруари 2022 година кажа: „Не ми е гајле што ѝ се случува во Украина“ или на забелешката од Трамп дека „Украина прва почнала“. Можете да погледнете и кон 2014 година (кога Русија го грабна Крим) и неуспесите на поранешниот претседател Барак Обама и поранешниот британски премиер Дејвид Камерон да дејствуваат согласно американските и британските гаранции за Украина преку Меморандумот од Будимпешта во 1994 година.
Но, како што сега стојат работите, имате ли на ум некој подобар курс?
Мајкл Барон, Washington Examiner