Мудрите меѓу нив дури одат и до таму да негираат дека владата има какво било морално право, или должност, да му служи на општеството, тврдејќи дека „општество не постои - туку има само поединци и семејства“ или дека „општеството не е доволно добро дефинирано за државата да може да му служи.“ А сепак, кога ќе се случи крах кој е последица на нивните постапки, оние кои ги испорачувале најострите говори енергично противејќи се на каква било поголема владина интервенција во економијата одеднаш почнуваат да бараат помош од државата. Па липаат „каде е државата кога ти е потребна?“
Ова не е нова контрадикција. Ова го одразува проблематичниот однос што моќните секогаш го имале во државата. Иако се плашат дека државата ќе интервенира за да го ограничи нивното себе-богатење, ним тоа исто така им е и длабоко потребно. Нееднаквоста што пазарните општества ја создаваат - гигантска концентрација на богатство паралелно со општо раширена немаштија и сиромаштија - ги прави нервозни. Што друго освен држава би можело да ги заштити кога плодовите на гневот пораснале премногу тешки за гранките и очајните маси ќе почнат заканувачки да се собираат пред нивните оградени вили? Ама па, ако државата има доволно моќ за да ја држи баграта на дистанца, таа ќе има и доволно моќ за да го заплени нивниот имот и да ги фрли на улица ако власта падне во рацете на овие вознемирени толпи.
Еден од најпреовладувачките аргументи што тие го имаат против државата е дека богатството се создава индивидуално, од поединци херои. Затоа оданочувањето се смета како неоправдана конфискација на она што со право е нивно. Ништо не може да биде подалеку од вистината. За да го забележиш ова, ајде за момент да се вратиме на зачетоците на пазарното општество - на времето кога закрепостените селани беа бркани од поседите на нивните предци.
Како мислиш дека земјопоседниците успеаа толку ефикасно да се ослободат од селаните? Одговорот е: со помош на државата. Кралот и неговата власт им помагаат на земјопоседниците, испраќајќи свои војници за да ги задушат буните на селаните. А како мислиш дека новиот поредок, на кој се потпира пазарното општество, се одржува? Како мнозинството кое живееше во услови на бедна дехуманизација во гетата на Манчестер, Бирмингем и Лондон, беше држено под контрола кога на само неколку улици од нив мнозинството живееше во неизмерен луксуз? Просто кажано, приватното богатство е изградено а потоа и одржувано на грбот на насилство спроведено од државата.
Ваквото насилство не е единствената работа што владите од тогаш им ја имаат обезбедено на моќните. Секогаш кога државата ги употребила своите приходи за да плаќа за патишта, тунели и мостови преку кои се пренесува стока, за одржување болници и училишта кои се грижат за здравјето и образованието на работниците, за поддршка на угнетените и невработените, за безбедноста на градовите, или за организирање на какво било мирно и стабилно општество - секогаш кога има направено нешто од овие (и многу други работи), државата обезбедува услови во кои поединците, а посебно најмоќните, можат да тераат по патот до богатството. Гледајќи од овој агол, државата отсекогаш им обезбедувала неверојатна осигурителна полиса на богатите. А богатите на услугата возвратиле правејќи се што можат да за избегнат да ја платат својата премија.
Всушност, не е само државата таа што обезбедува услови за создавање богатство. Ако размислиш, сето богатство е создадено заеднички - преку рециклирање и преку постепена акумулација на знаење. На работниците им требаат претприемачи за да ги најмат, на кои пак им требаат работници за да ги купат нивните производи. На претприемачите им требаат банкари за да им зајмат, на кои пак им требаат претприемачи за да им плаќаат камата. На банкарите им треба власт за да ги заштити, на која пак и требаат банкари да ја ложат економијата. Инвеститорите канибализираат туѓи изуми и копираат идеи на научници. Економијата се потпира на сите.
Јавен долг: духот во машината
Иако постојано бараат државата да продолжи да ги обезбедува условите во кои нивното богатство може да расте, секој пат кога даночниците на богатите ќе им ја дадат сметката за услугите од државата, тие се бунат, негодуваат, се жалат и протестираат. И бидејќи моќните секогаш имаат големо влијание врз државата ова доведе до интересен феномен: даноците кои се бараат од нив секогаш имаат тенденција да бидат пониски од она што државата има потрошено, директно или индиректно, во нивно име. Што се однесува на работниците, нивните плати низ најголемиот дел од историјата едвај се доволни за тие да се прехранат себе си и своите деца, па и нивните даноци никогаш не се задоволително ниво. Па од каде ќе дојдат дополнителните средства? Одговорот е: јавен долг. А кој ја обезбедува потребата за позајмица на државата? Нормално, банкарите! А каде банкарите ги нашле парите? Не треба да ти кажам дека ги имаат извадено од чист воздух. Сега почнуваш да разбираш како плаќањето ниски даноци несомнено оди во корист на банкарите.
Сепак, гледајќи телевизија, слушајќи ги политичарите како се оболени од големината на националниот долг и давајќи секакви ветувања за негово ограничување, може ќе се прелажеш да мислиш дека владиниот долг - или јавен долг, како што е познат - е ужасна работа, нешто налик сипаници, кој е потребно да се искорени. Аргументот на оние кои ја сметаат државата како пречка за приватниот бизнис е дека владата која троши повеќе од своите можности и не може да ја балансира својата сметка води кон катастрофа. Немој да паѓаш на тие глупости. Иако е точно дека преголем јавен долг знае да предизвика сериозни проблеми, и премалку јавен долг исто така е проблем. Дури и за Сингапур, чија влада со закон е присилена да не троши ни пара повеќе од она што го добива со даноци, суштински важно е да позајмува пари. Зошто? Затоа што на банкарите во пазарното општество им е потребен јавен долг како што на риба и е потребна вода за да плива во нејзе. Без јавен долг, пазарни општества не можат да функционираат.
Кога владата позајмува, да речеме, 100 милиони долари од банкар на, да речеме, 10-годишен период, за возврат на банкарот му дава парче хартија, задолжница, со која легално гарантира дека ќе ги врати парите во рок од 10 години како и тоа дека ќе плати дополнителна сума камата на банкарот - да речеме, 5 милиони долари годишно. Задолжницата се нарекува обврзница, која имплицира дека владата сега е обврзана 10 години кон кој и да го поседува тоа парче хартија. Имајќи предвид дека богатите одбиваат да платат данок со што би се поништила потребата на владата да позајмува, државата издава обврзница и им ја „продава“ на банките и на богатите со цел да плати за работи кои го одржуваат функционирањето на целото шоу: улици, болници, училишта, полиција, итн. Трошејќи пари на најразлични проекти - купувајќи залихи, плаќајќи плати - владата директно го засилува целиот процес на рециклирање во економијата од кој сите имаат корист, вклучително и банките.
Меѓутоа ова не е единствената причина зошто владините обврзници им се корисни на банкарите. Она што банкарите најмногу го мразат е готовина: пари кои седат во нивните сефови или во нивните книги без да бидат дадени на заем за камата. Меѓутоа како што се надевам до сега ти стана јасно, банките станаа загрозени и ранливи дури и ако само неколку депоненти истовремено решат да ги извадат своите пари. Во таква ситуација на банкарите им треба пристап до нешто што ќе можат веднаш да го продадат за да ги исплатат своите депоненти. Владините обврзници се одлични за ова. Се додека сите веруваат дека владата ќе си го одржи својот збор, секогаш ќе има побарувачка за нејзините обврзници. Всушност, тие се одлични за ова - ниту еден друг долг не може толку лесно да се рециклира. Ова значи дека банкарите обожаваат владини обврзници: не само што обврзницата е заем кој носи фина и многу безбедна камата (толку многу што може да се искористи како залог кога сакаат да земат заем од други банки), туку исто така може да се употреби и како производ - како парче имот исто како уметничка слика или винтиџ автомобил кој може веднаш да биде продаден ако на банкарот итно му затребаат пари. Обврзниците се, во говорот на банкарите, „најтечен од сите имоти.“ И како такви, тие го подмачкуваат банкарскиот систем за неговите запчаници и тркала да продолжат да вртат.
Всушност, во лоши времиња, кога банкарите креваат телефон и се јавуваат во владата за да бараат централната банка да ги извади од долговите, таа тоа не го прави само со создавање нови пари, како што веќе имаме видено, туку и со издавање на уште повеќе обврзници кои ги користи за да позајми уште повеќе пари од банкарите, често пати од странски, и да им ги подели на локалните банкари.
Сега почнуваш да гледаш зошто јавниот долг е нешто толку многу, многу повеќе од обичен долг. Тоа е манифестација на односите на моќта во пазарното општество, неопходен одговор на одбивањето на богатите да го платат својот дел. Тој исто така е амортизер кој дозволува банкарите склони кон грешки да ги избегнат најголемиот дел од големите пропусти кои инаку би се случиле во негово отсуство. Тој е како ластик кој сè држи заедно, кој може да се шири во лоши времиња за да спречи распаѓање на системот.
Уште од времето на првиот човек кој погледна во небото и се чудеше зошто се чувствува обземен од неговата бескрајност, ние сме сигурни дека има нешто длабоко во нас, нешто кое не може да се одреди кое ни дава капацитет да се зачудуваме, да стравуваме, да се надеваме. Филозофи и писатели тоа нешто го нарекуваат духот во машината, неодредената сила која нè прави она што сме. Дозволи ми да ти кажам дека кога ќе чуеш политичар, економист и коментатор како зборува за јавниот долг како да е клетва, потсети се самата себе дека тој е многу повеќе од тоа. Тоа е духот во машината на пазарните општества кој прави тие да функционираат, без разлика колку добро или лошо го прават тоа. И кога моќните или нивните портпароли ќе ја демонизираат државата, подбивајќи се со владата или јавниот долг, сети се дека и ним државата им е подеднакво потребна како што им се потребни нивните бубрези или дробови...