Пинокио без дно за Бајден

Претседателот Бајден по свои зборови е „машина за гафови“. Тоа, секако, не е оправдание, за претседателот да дава лажни и погрешни изјави, пишува проверувачот на факти за Вашингтон пост, Глен Кеслер, во својата анализа на американскиот претседател.

Читателите побараа проверка на факти на повеќе скорешни изјави на Бајден, меѓутоа ниту една до нив не изгледаше доволно голема за да биде одделно проверена. Па затоа еве збирна проверка на дел од скорешните згрешени факти од претседателот, изјавени дур беше на турнеја низ американските гратчиња за поддршка на демократите и зголемување на донациите пред меѓуизборите.

Ние генерално не даваме Пинокио за вакви збирни анализи, меѓутоа заради причини кои подоцна ќе станат јасни, ќе треба да направиме исклучок за ова.
 

„Луѓе, минав многу време - повеќе време со Ши Џинпинг отколку кој било лидер... патував 17.000 милји со него,“ ќе изјави Бајден на средба во Сан Диего на 3 ноември.

Ова е старо тврдење кое го откривме дека е лажно кратко откако Бајден дојде на власт и за тоа му дадовме три Пинокија. Нема доказ дека Бајден толку многу патувал со Ши, дури и ако ги собереме милјите што Бајден ги летал за да се види со Ши, тоа пак не е стига до 17.000 милји. Ни Белата куќа не можеше да даде објаснување за бројката.

Меѓутоа за ова треба да се зборува, бидејќи и покрај нашата проверка на факти и признанието на Белата куќа дека изјавата на Бајден за патување со Ши не е точна, Бајден ја има оваа изјава повторено 20 пати за време на претседателството. Бајден е толку љубител на оваа неточна статистика што тој дури ја спомена и за време на неговиот говор на заедничката седница на Конгресот.

Зошто е ова важно? Читателите може ќе се сетат дека за време на претседателството на Доналд Трамп воведовме нова категорија, Пинокио без дно која ги опфаќа лажните и погрешни изјави толку често повторувани што станаа форма на пропаганда. Изјавите завршуваа на оваа листа ако имаа рејтинг од три или четири Пинокија и беа повторени најмалку 20 пати. До крајот на мандатот на Трамп, за ова се квалификуваа 56 негови изјави.

Сега Бајден заработи свое сопствено Пинокио без дно.
 

„Денес, најчестата цена на бензин во Америка е 3,36 долари, од над 5 долари кога јас дојдов на власт,“ ќе изјави Бајден во Сиракјуз на 27 октомври.

Голем број читатели се пожалија за оваа изјава, имајќи предвид дека според Агенцијата за енергетски информации просечната цена на горивото беше 2,48 долари во првата недела од мандатот на Бајден. Растот на цените во текот на претседателството на Бајден беа проблем за неговиот рејтинг. (Белата куќа претпочита да зборува за „најчестата цена“ која доаѓа од апликацијата ГасБади и таа обично е пониска од просечната цена бидејќи Калифорнија, со нејзините супер-високи цени за горивото, го зголемува просекот).

Бајден во основа беше во право околу „најчестата цена“ во времето кога ја даде изјавата, ама грешката му е околу цената на горивото кога дојде на власт. Генерално, во неговите говори се споменуваат цените од летово, а не кога дојде на власт, бидејќи така подобро звучи. На пример, неколку дена подоцна, на 31 октомври, Бајден изјави „во јуни, просечната цена - не најчестата, туку просечната - на национално ниво беше над 5 долари за галон. Денес, просечната цена на галон е 3,76 долари.“
 

„За време на мојот мандат, за прв пат во 10 години, возрасните лица имаат зголемување на чековите од социјално,“ Халандејл бич, 1 ноември.

Верзија од оваа изјава заврши во твит на Белата куќа уште истиот ден, за подоцна луѓето од Белата куќа да го избришат откако Твитер го обележа дека му недостасува контекст.

Проблем? Причината зошто се зголемуваат исплатите за социјално е бидејќи нивната висина се одредува со закон од 1972 кој предвидува секоја година адаптирање на висината во согласност со инфлацијата.

Следната година, исплатите ќе пораснат за 8,7 проценти, но тоа затоа што толку е зголемена инфлацијата. Бајден и Федералните резерви се обидуваат да се борат против инфлацијата, но за сега без нешто многу успех.
 

„Веројатно знаете дека само што потпишав закон кој е оспорен од моите републикански колеги... Тоа што го обезбедивме е ако сте биле на училиште и сте се квалификувале за Пел грант... се квалификувате за простување на долг во вредност од 20.000 долари. Второ, ако немате некој од тие заеми, тогаш ви се брише долг од 10.000 долари. Ова го минав со глас или два,“ изјава од 23 октомври.

Опишувајќи го својот план за простување на студентскиот долг, Бајден чудно изјави дека „само што потпишал закон“ кој бил одобрен од Конгресот со разлика од „глас или два“.

Меѓутоа тој никогаш не ни доставил до Конгресот таков предлог за разгледување.

Бајден ги искористи своите нови овластувања од министерството за правда - преку ново толкување на закон објавен пред речиси две децении во 2003. Во правно мислење, министерството за правда заклучи дека законот го овластува министерот за образование да ги олесни должниците од обврската да ги вратат студентските долгови. Следствено на тоа претседателот би можел да објави план за укинување на студентските долгови.

Претходно, администрациите на Трамп и Бајден го искористија истиот овој закон за да го паузираат плаќањето на студентските долгови за време на пандемијата. Меѓутоа администрацијата на Трамп заклучи дека не би можела да го користи законот за укинување или простување на студентските заеми. Министерството за правда на Бајден дојде до спротивен заклучок.

На крај, ова прашање ќе биде решено на суд. Апелационен суд ја замрзна програмата на Бајден како реакција на тужба поднесена од републикански јавни обвинители.

Белата куќа изјави дека Бајден погрешно се изразил и зборувал за Законот за намалување на инфлацијата, кој главно е фокусиран на климатски промени и зголемување на даночните приходи. Закон што беше изгласан по партиска линија, а клучниот глас во Сенатот го даде потпретседателката Харис.

Меѓутоа Законот за намалување на инфлацијата нема никаква врска со студентските заеми, а анализите покажаа дека без разлика какво намалување на дефицитот ќе се постигне со законот тоа брзо ќе биде надминато од трошоците за програмата за студентски заеми, доколку ги преживее правните предизвици.

Глен Кеслер,
Вашингтон пост

10 ноември 2022 - 12:51