Џорџ Сорос

Обновување на системот за азил

Европската Унија треба да ја прифати одговорноста за немањето заедничка политика за азил, заради што годинешниов зголемен прилив на бегалци од проблем кој може да се регулира, се претвори во уште една политичка криза.

Секоја земја членка себично се фокусираше на сопствените интереси, често пати делувајќи наспроти интересите на другите. Ова ја забрза паниката меѓу барателите на азил, јавноста, и властите одговорни за ред и поредок. Барателите на азил беа главните жртви.

На ЕУ и е потребен сеопфатен план како одговор на кризата, план кој ќе го врати ефективното управување со напливот на баратели на азил за тие да можат да се вклучат на безбеден, и уреден начин, и со темпо кое го одразува капацитетот на Европа да ги апсорбира. За да биде сеопфатен, планот мора да се протега и вон границите на Европа. Многу помалку ќе попречи и е многу помалку скапо да се задржат потенцијалните баратели на азил во или близу до нивната сегашна локација.

Бидејќи изворот на сегашната криза е Сирија, судбината на народот на Сирија мора да биде прв приоритет. Меѓутоа другите баратели на азил и мигранти не смеат да бидат заборавени. Исто така, европскиот план мора да биде придружен од глобален одговор, под управа на Обединетите нации и со вклучување на земјите членки. Ова ќе го распореди товарот од сириската криза врз поголем број на држави, додека во исто време ќе воспостави глобални стандарди за поопшто справување со проблемите од присилната миграција.

Еве ги шесте компоненти на сеопфатниот план.

Прво, ЕУ во следните години ќе мора да прифати барем милион баратели на азил годишно. И, за да го стори тоа, тие мора рамномерно да го споделат товарот- принцип околу кој мнозинството членки конечно се согласи.

Адекватното финансирање е клучно. ЕУ треба да обезбеди 15.000 евра по барател на азил за секоја од првите две години, со кои ќе помогне да се покријат трошоците за домување, здравствена заштита, и образование - со што и самата идеја за примање бегалци би била попривлечна за земјите членки. Таа може да ги собере овие пари со издавање на долгорочни обврзници, користејќи го својот речиси недопрен капацитет за позајмување, од што како дополнителна корист ќе излезе и обезбедување на оправданиот фискален стимул за европската економија.

Подеднакво е важно да им се дозволи и на државите и на барателите на азил да искажат што повеќе претпочитаат, и тоа под најмала можна принуда. Сместувањето на бегалците онаму каде што тие сакаат да одат, е неопходен услов за успех.

Второ, ЕУ мора да го предводи глобалниот напор за обезбедување на адекватно финансирање на Либан, Јордан и Турција за поддршка на 4-те милиони бегалци кои живеат таму.

До сега, собрано е само делче од финансиите потребни за обезбедување на основна грижа. Ако образованието, подготовката, и останатите основни потреби се вклучени, годишниот трошок е околу 5.000 евра по бегалец, или околу 20 милијади евра. Денес помошта од ЕУ за Турција, и понатаму изнесува само 1 милијарда долари. Дополнително, ЕУ треба да помогне во регионот, вклучувајќи ги и Тунис и Мароко, да се создадат специјални економски зони со посебен трговски статус, кои ќе привлечат инвестиции и ќе генерираат работни места за локалците и за бегалците.

ЕУ ќе треба од најголемите членки да извади најмалку 8-10 милијарди евра годишно, а остатокот треба да доаѓа од САД и остатокот светот. Ова треба да биде додадено на долгорочните обврзници кои ќе бидат издадени за поддршка на барателите на азил во Европа.

Трето, ЕУ мора веднаш да почне со изградба на единствена ЕУ Агенција за азил и миграција, и потенцијално единствена ЕУ Гранична стража. Сегашната крпеница од 28 одделни системи за азил не функционира: премногу е скапа, не е ефикасна, и постојано дава неконзистентни резултати во утврдувањето кој барател се квалификува за азил. Новата агенција постепено ќе изгради заеднички процедури; ќе воспостави заеднички правила за вработување и претприемаштво, како и конзистентни бенефиции; и ќе развие ефикасна, со почитување на човековите права, политика за враќање на мигрантите кои не се квалификуваат за азил.

Четврто, мора да се воспостават безбедни коридори за барателите на азил, кои ќе ги одведат од Грција и Италија до нивните крајни дестинации. Ова е многу итно со цел да се смири паниката. Следниот логичен чекор е да се прошират безбедните зони во регионите од првите редови, со тоа што ќе се намали бројот на мигранти кои се решаваат на опасното патување преку Медитеранот. Ако барателите на азил имаат разумна шанса да стигнат до Европа, многу е поверојатно тие да останат таму каде што се. Ова ќе бара преговарање со земјите од фронтовските линии, и соработка со УНХЦР, со цел воспоставување на центри за процесирање - земајќи ја Турција како приоритет.

Оперативните и финансиски аранжмани развиени од ЕУ треба да бидат употребени за воспоставување на глобални стандарди за справување со баратели на азил и мигранти. Ова е петтиот дел од сеопфатниот план.

На крај, за да се апсорбираат и имигрираат повеќе од еден милион баратели на азил и мигранти годишно, ЕУ треба да го мобилизира приватниот сектор - НВО-а, црковни групи и бизниси - да делуваат како спонзори. Ова ќе изискува не само доволно финансирање, туку и човечки и ИТ капацитет, за да се спојат мигрантите и спонзорите.

Егзодусот од разурнатата Сирија никогаш не требаше да се претвори во криза. Таа долго време се подготвуваше, лесно беше да се предвиди и можеше брзо да се регулира од ЕУ и меѓународната заедница. Унгарскиот премиер Виктор Орбан исто така има свој план од 6 точки за справување со кризата. Меѓутоа неговиот план, кој ги подредува човековите права на барателите на азил и мигрантите во однос на безбедноста на границите, се заканува да ја подели и уништи ЕУ со прекршување на сите вредности на кои таа е изградена и на законите кои треба да ја управуваат.

ЕУ мора да одговори со автентично европска политика за азил која ќе стави крај на паниката и на непотребното човечко страдање.

Џорџ Сорос

13 ноември 2015 - 12:15