Не е лошо, полошо е

Процената на пазарот на природен гас е дека недостатокот и рекордните цени на енергенсот ќе траат некаде до 2024.

Европските цени на природен гас се уште се стабилно под рекордот од март. Меѓутоа закопај малку подлабоко и тие сигнализираат подолготрајно нарушување на пазарите од тоа што се очекуваше во првите денови по инвазијата на Украина.

Иако пазарот на гас тогаш имаше цена во рамки на краткорочна криза, од неколку месеци, сега истиот тој пазар алармира за екстремна опасност за претстојната зима, низ 2023 и се повеќе и во 2024. Во изминатите неколку денови, целосната крива на европската цена на гасот се крена на многу повисоко ниво.

Промената на кривата е најзабележително случување на пазарот на гас во изминатиот месец - која не доби доволно внимание низ европските престолнини. Меѓутоа на индустријата и е сосема јасно, бидејќи го сноси трошокот. Во март, германски производител можеше да ги заклучи цените за цела 2023 на околу 80 евра за мегават час; сега тој мора да плати рекордни 145 евра за да се заштити од истиот ценовен ризик.

Минатата недела внимателно набљудуваниот холандски ТТФ, кој е бенчмарк за пазарната цената во Европа, се крена на 175 евра, дуплирајќи се во рок од еден месец, откако Русија го скрати снабдувањето на Германија преку Северен тек 1. Дури и во таа ситуација, пазарната цена на гасот останува 30% под рекордот од 227 евра поставен на почетокот од војната - загрижувачки, но не и алармирачки; цените се високи, ама не толку високи. По она што пазарот го истрпи во март, човек може да разбере зошто европските власти не паничат.

Меѓутоа тоа е ако го игнорираш она што се случуваше во бекендот на кривата. На 5 март - кога пазарните цени на гасот скокнаа на околу 185 евра - договорите за испорака во декември 2022 пораснаа на само 155 евра, минатата недела, кога пазарната цена на гасот беше малку помала, декемвриските договори се продаваа за речиси 195 евра.

Една година како Русија го манипулира европското снабдување со гас, пазарот конечно е уверен дека Москва ќе продолжи да го прави тоа, и тоа веројатно со поголем интензитет.

Првиот тест е за две недели. Гасоводот Северен тек 1, најважната врска меѓу Русија и Европската Унија, ќе биде изгасен за годишно одржување од 11 до 21 јули. Берлин се плаши дека Москва ќе најде изговор за веќе никогаш да не го отвори вентилот, и целосно да ја отсече Германија од снабдувањето со гас. По сето она што Москва го направи, германската влада со право е загрижена.

Сепак, Русија можеби ќе сака дел од гасот да продолжи да тече за да ја задржи долгорочната предност. Од гледна точка на теорија на игра, тоа е логично. Откако Русија целосно ќе ја запре испораката таа повеќе не може да врши притисок. Тактички, Москва е веројатно дека ќе остави отворен дел од протокот на гас, задржувајќи ја можноста да го прекине или забави кога и да го посака тоа.

Дополнително, според Голдман сакс, Северен тек 1 е главната рута што рускиот гас ја има за да влезе на европските берзи. Ако не го отвори гасоводот по затворањето за одржување тоа ќе го ограничи профитот што државниот Газпром го има од небесно високите цени.

Русија очигледно се има откажано од гас врските што ги има со Европа. Но за сега, Кремљ ќе продолжи да го ужива најдоброто од двата света: високи приходи и адут за вршење притисок. За да ги спроведе своите цели Русија треба да продолжи да продава дел од својот гас во Германија, но со намален проток, како што тоа моментално го прави.

Пазарот со право ја крена кривата на гасот; единственото прашање е на колку долго. Има и дополнителен ризик: во некој момент, Москва целосно ќе ја затвори славината, веројатно некаде пред зимата, за да се обиде да ја турне германската економија на колена. Тоа е исходот што пазарот се уште го нема пресметано.

Хавиер Блас,
Блумберг

12 јули 2022 - 09:06