Од оваа едноставна одлука знаев дека германската историја наскоро ќе се промени, бидејќи полесното патување значеше дека секој може да го мине Ѕидот. Сепак, не успеав од прва да ги предвидам оние спектакуларни и радосни вечерни прослави кои само што не се случија во Берлин.
Никогаш низ мојата кариера не се сомневав дека Германија еден ден во иднината ќе го врати единството. Меѓутоа никогаш не се осудив да сонувам дека ре-обединувањето на истокот и западот ќе се случат за време на мојот мандат како Канцелар. Само со Михаил Горбачов и неговата политика на перестројка и гласност обединувањето стана реалност. Без Горбачов и неговата уникатна храброст, текот на настани за време на есента 1989 никогаш немаше да биде возможен.
Со подемот на Горбачов, се повеќе и повеќе луѓе во Источна Германија се охрабрија и престанаа да се плашат од нивниот репресивен режим. Тие сфатија дека таа реалност на Источна Германија не е испишана во карпа; дека е можно да се постигнат промени, кои многу храбри дисиденти и поборници на граѓанските права заробени зад ѕидот ги бараа толку многу време. Нивната посветеност против неправдите на комунистичкиот режим за мене е едно од најдобрите заглавија на германската историја.
Отворањето на унгарските граници таа есен и барањето азил од граѓаните на Источна Германија во германските амбасади во Прага и Варшава веќе во темел го расклатија комунистичкото и Штази владеење. Меѓутоа ноќта на 9-ти ноември, кога ѕидот и бодликавата жица кои не успеаа неповратно да ги поделат Германците во текот на многуте векови горка разделеност почнаа да се распаѓаат, колапсот на комунизмот беше незапирлив. Влеговме во нова ера. Од тој ден, тркалото на историјата почна побрзо да се врти.
Кога се вратив од банкетот за да гледам вести од Берлин на телевизија, одлучив да ја скратам мојата посета на Варшава. Не беше лесно да го убедам мојот домаќин дека, во таков историски момент, местото на германскиот Канцелар може да биде само во нашиот стар главен град, меѓу толпата која слави. Моите инстинкти да се вратам дома исто така беа возбудени од сцените кои се одвиваа следната вечер, 10-ти ноември, за време на митингот пред Градското собрание на Берлин.
Толпа екстремни левичари успеаа да ја надвикаат германската химна пеена од луѓе што го славеа претстојниот колапс на Ѕидот. Бев одлучен да покажам дека екстремистите не го претставуваат народот на Берлин! Напротив: најголемиот дел од луѓето сакаа да покажат чиста радост. Тие копнееа за единство, правда и слобода на нивната земја.
Па одлетав за Берлин, и пред да и се обратам на толпата од оградата на балконот на Градското собрание, добив телефонски повик од Михаил Горбачов. Советскиот лидер побара од мене да го контролирам ентузијазмот на јавноста со цел да спречам хаос и крвопролевање. Тој имаше извештаи дека ситуацијата излегува од контрола. Сакаше да знае дали е точно дека гневната толпа почнала да упаѓа во објектите на советската армија.
Член на кабинетот го пренесе мојот одговор до Горбачов. Го осигурав дека неговите информации се погрешни. Тој ми веруваше. Тука помогна и тоа што се запознавме еден со друг на човечко ниво и воспоставивме меѓусебна доверба за време на неговата посета во јуни 1989. И покрај разликите во однос, на пример, германското прашање, мирот и за двајцата нас не беше само збор туку егзистенцијална и базична неопходност.
Подоцна Горбачов ми кажа дека тој намерно бил погрешно информиран од противниците на реформите кои сакале советските трупи во Источна Германија да интервенираат. До денешен ден му останувам благодарен на Горбачов што не ги послуша агитаторите туку ги слушна моите аргументи. Соочен со изборот да ги остави тенковите во касарните или да ги извади на улици, тој избра мир и подоцна ја прифати новата реалност што луѓето во Источна Германија ја создадоа со толку многу храброст. За неговото гледање нанапред и за храброста човек никогаш не може да му даде доволно заслуги.
По 9-ти ноември процесот добиваше се повеќе и повеќе на сила. Во неверојатно краток период од само 11 месеци, германското обединување стана реалност. За мене ова беше остварување на сонот. Сепак јас чувствував две силни обврски за иднината. Едната е посветеност дека Германија и Европската унија ќе бидат двете страни на истата паричка. Дека едната не може да постои без другата. Другата ја искажав зборувајќи за неопходноста од создавање развој во новите источни држави на Германија.
И двете беа извонредно големи и тешки задачи. Во десетте години од падот на Ѕидот, јас верувам дека целите, иако не комплетно, се постигнати во својата суштина. Обединета Германија има силна посветеност кон Европа и Трансатлантската алијанса. Во однос на новите германски држави, како транзицијата кон демократија и слободно општество, така и структурните промени на поранешната комунистичка економија, се успешни, иако овие задачи ќе бараат енергија и труд на неколку генерации пред тие комплетно да бидат исполнети. Најважно, Германците денес повторно се сметаат себеси за еден народ. Со помош на разумни политики, ние како општество сме на подготвени да ја освоиме иднината.