„Демократите им кажуваа на гласачите дека земање високи хонорари за држење говор пред да се кандидираш за претседател токму од индустриите кои можеби ќе ги регулираш ако станеш претседател е нешто кое сите го прават.
Тие објаснуваа дека е несофистицирано да се грижиш дали ентитети поврзани со тебе собирале средства од странски држави чии дипломатски интереси се поразлични отколку американските.
Тие објаснуваа дека никому не би му пречело кога тоа би го правел маж.
Тие објаснуваа дека треба да ги провериш нивните изминати финансии за да разбереш дека Клинтонови ги имаат истите вредности како и ти, и дека на срце им е само твојот интерес.
Секако, однесувањето на Клинтонови никогаш не беше нормално. Тие го имаат вториот по големина конфликт на интереси виден во поновата историја на американската национална политика - втор, само зад оној на Трампворлд.
Демократите можеа да го изберат кој било друг кандидат за претседател и да добијат чиста предност на тема корупција за време на изборите. Меѓутоа бранејќи го Клинтон моделот, демократите играа во корист на Трамп, во основа кажувајќи им на своите гласачи дека секогаш ќе има мочуриште, дека сите го прават тоа, дека лидерот секогаш ќе има финансиски интереси испреплетени со неговата или нејзината јавна должност.
И сега треба да се чудиме што толку многу гласачи решија дека ќе стават свој човек да биде главен на мочуриштето,“ пишува уредникот на Бизнис Инсајдер, Џош Баро.
Објаснувајќи дека американскиот претседател добива совети за владеење од пријателите што ги пречекува во својот ресорт Мар-а-Лаго, Баро го нарекува Трамп моделот „Клинтон модел на стероиди“.
Како пример на работењето на Хилари, тој го наведува случајот со Сидни Блументал консултантот на Клинтон фондацијата чии разузнавачки извештаи околу Либија таа ги пушта во циркулација низ Стејт Департманот, додека во исто време Блументал заедно со други соработници на Клинтон тера бизнис со Либија.
Соработници на Клинтонови успеваат да ја искористат „перцепција за блискост“ со моќниот пар за да заработат милионски суми како консултанти за најразлични бизниси, „како мислиш дека поранешниот личен помошник на Бил Клинтон, Даг Бенд, стана доволно богат за да ја купи вилата на Рокфелер за 20 милиони долари?“
„Поентата не ми е дека тоа што го направиле соработниците на Бил и Хилари е исто лошо како она што го имаат направено Трамп и неговите соработници. Не е толку лошо. Трампворлд ги издигна врските и продавањето влијание на ново, вулгарно ниво. И моето чувство е дека соработниците на Трамп се значително поаљкави околу работење во рамки на законот во споредба со луѓето од Клинтонворлд.
Меѓутоа, основната етичка грижа е иста: дека лидерот или лидерката се извалкаа себе си во финансиски конфликт на интереси, поматувајќи ја границата на која јавниот интерес завршува а приватниот започнува,“ пишува Баро.
На страна парите, демократите со години требаа да ги бранат и сексуалните пречекорувања на Бил Клинтон, а и на други свои „првоборци“ како Тед Кенеди кој со децении беше нарекуван „совеста на Сенатот“ притоа игнорирајќи ја неговата одговорност во смртта на Мери Џо Копечни. Во последно време тие покажуваат сериозно освестување на оваа тема, посебно со притисокот кон Ал Франкен да поднесе оставка од Сенатот по обвинувањата за сексуално малтретирање.
„Демократите сега бараат одговорност во своите редови за вакво однесување, додека републиканците, предводени од Трамп, не бараат. Тие ја имаат моралната предност.
Сличен пресврт е можен и кај корупцијата. Ама тоа ќе значи да се признае дека финансискиот модел на Бил и Хилари Клинтон е неприфатлив, на ист начин како што голем број демократи сега признаваат дека сексуалниот модел на Бил Клинтон е неодбранлив,“ објаснува Баро.
Она што е најголем гнев на авторот и забелешка кон Клинтонови е штетата која тие ја предизвикуваат на Демократската партија создавајќи впечаток дека корупцијата е неизбежна, „а не е точно дека секој го прави истото, но со години пораката од луѓето на Клинтонови е дека секој така се однесува и треба само да се навикнеме на тоа.“
„Клинтонови ги нормализираа ова. Трамп е само човекот кој го зема и го искористи. И сега останува на функционерите кои ќе тргнат по нив да го расчистат овој неред и да ја вратат антикорупциската репутација на Демократската партија,“ порачува Баро.