Престанете да користите ад-блокер (ама не заради тоа на што вие мислите)

Мрачната страна на блокирањето реклами

Блокирањето банери на интернет е тема на остра дебата уште од кога се појавува екстензијата Адблок во 2002. Во тоа време, таа е само мал страничен проект. Од тогаш, користењето на ад-блокери експлодира, и во декември 2016, 615 милиони уреди на интернет имаат блокирано реклами.

Според сопствениците на сајтови ад-блокерите им ги уништуваат приходите и спречуваат создавање бесплатни содржини.

Од друга страна корисниците тврдат дека имаат потреба од целосна контрола над својата технологија и дека рекламирањето често води кон безбедносен ризик.

Без разлика кое вашето гледиште, работата веќе е масовна а користењето на ад-блокери расте од година во година.

Ова е текст за многу помрачната страна на блокирањето реклами.

 

Почетокот - „Прифатливи реклами“

Во 2011, Адблок плус и нивната мајка компанија Ејео воведоа програма наречена Прифатливи реклами. Што значи ова?

Во основа, тие спроведоа анкета која откри дека 71% од нивните корисници би дозволиле прикажување реклами на сајтовите кои ги сурфаат доколку „не малтретираат“. Тоа значи да нема анимации, да немаат звук и да не бидат премногу светкави.

Ејео тврди дека тие сакаат да ги поттикнат сајтовите да објавуваат банери кои не се наметливи. Тие веруваат дека ненаметливите реклами можат да помогнат за финансирање на бесплатни содржини без да се нервираат корисниците.

Преку програмата за Прифатливи реклами, Ејео утврдува кои реклами се ненаметливи, и ги додава на белата листа на дозволени реклами. Корисниците можат да ја изгасат оваа опција, меѓутоа таа е активирана по дифолт, и над 90% од корисниците ја имаат оставено активирана.

 

Па што е проблемот?

На прва, ова изгледа како пристојна зделка. Некои луѓе се комплетно против какво било рекламирање на интернет, ама тие секогаш можат да ја изгасат оваа опција. А и корисниците на Ејео изгледаат дека се отворени кон идејата за ненаметливи реклами.

Ако се согласувате со Ејео тогаш се прашувате во што е проблемот. Тука работите се компликуваат.

Не сите ненаметливи реклами се дел од програмата за Прифатливи реклами. Ова е затоа што Ејео рачно ги одобрува рекламите пред тие да се појават на листата.

А како да го натераш Ејео да одобри прикажување реклами на твојата веб-страна?

Едноставно. Им плаќаш.

Колку наплаќаат за оваа привилегија? Околу 30% од сите приходи што веб-страната ги направила од рекламата која била одобрена и ставена на белата листа.

Па ако Гугл заработи 10 милиони долари од реклама на белата листа, Ејео заработува 3 милиони долари.

Точно е дека Ејео наведува дека помалите веб-страни бесплатно се ставаат на белата листа. Всушност, тие тврдат дека 90% од нивните партнери бесплатно ја добиваат оваа услуга.

Ама тоа ништо не значи кога сите знаеме дека речиси комплетните приходи од реклами завршуваат кај две компании: Гугл и Фејсбук.

А Гугл плаќа кај Ејео.

 

Чекај... станува и полошо

Во 2016, Ејео ја објавува Платформата за прифатливи реклами. И тоа не звучи така лошо, а?

Ај да видиме што прави платформата:

„Платформата за прифатливи реклами им помага на веб-страните кои сакаат да покажат алтернативни, ненаметливи реклами на корисниците со ад-блокери со тоа што им дава алатка која им дозволува самите да ги имплементираат Прифатливите реклами.“

 

Ова е фенси начин за да се каже дека Ејео сега директно им продава реклами на своите верни корисници.

Човек би можел да каже дека нема разлика меѓу поставување сопствена платформа за реклами и додавање туѓи реклами на белата листа. Сепак, сопственикот на веб-страната и понатаму треба да ги одобри овие реклами. Ејео не ги служи нив директно на корисници без согласност од сопственикот на веб-страната.

Меѓутоа и покрај ова се работи за огромен конфликт на интереси, а веб-страните се стимулирани да ја користат платформата на Ејео затоа што стандардниот процес на додавање на една реклама на белата листа може да трае неколку седмици.

 

Каде одат сите овие пари?

Прво една работа да расчистиме: Немам ништо против бизниси да заработуваат. Бизниси кои можат да најдат нешто што пазарот го бара и да ја пополнат таа потреба заслужуваат да направат профит. Тоа е единствен начин на кој многу сервиси можат да егзистираат.

Меѓутоа кога компанија има малку реални трошоци и заработува огромни количества пари, потрошувачите треба малку да се запрат во полнењето на нивните џебови.

Како што Ејео признава, сите листи за филтрирање реклами се одржуваат од трети страни.

Точно, волонтери макотрпно ги надополнуваат и одржуваат листите за филтрирање кои дозволуваат Адблок плус да блокира реклами.

Самата екстензија во најголем дел остана иста како на почетокот. Пробај да пребараш „нови опции на Адблок плус“ и ќе видиш што ќе излезе. Тие вработуваат неколку програмери, но тешко е да се види што тие имаат постигнато освен што ја имаат додадено програмата за прифатливи реклами.

Покрај сите пари што ги заработуваат од Прифатливите реклами, и Адблок и Адблок плус имаат смелост згора на сè да побараат донации од корисниците.

Технички тие не плаќаат ни за хостирање, бидејќи екстензијата се хостира кај компаниите што го создале браусерот на кој што работиш.

Кога излегува некоја нова верзија на браусерот, на екстензиите понекогаш им требаат мали апдејти за одржување на компатибилноста. Меѓутоа постојат илјадници бесплатни екстензии кои се одржувани исклучиво од волонтери.

Ти треба уште докази? Ублок оргиџин е бесплатна и слободен софтвер алтернатива која исто така одржува сопствена филтер листа. Еве што тие имаат да кажат:

„Бесплатна. Слободен софтвер. Од корисници за корисници. Не бараме донации.

Без листата на филтри оваа екстензија ништо не вреди. Па ако некогаш стварно сакаш нешто да придонесеш, размисли за луѓето кои напорно работат за одржување на филтер листата што ја користиш, која е оставена да биде бесплатна за користење.“

Исто така треба да се забележи дека Ублок ориџин и Ублок не се иста работа. Имаше кавга меѓу програмерите на оригиналниот Ублок, и првичниот програмер Рејмонд Хил одлучи да направи сопствена верзија, наречена Ублок ориџин. Од тогаш, другиот партнер Крис Алџуди (кој е сопственик на Ублок) направи некои сомнителни одлуки.

На кратко, користете Ублок оргиџин, не Ублок. Ублок ориџин нема никаква врска со ublock.org.

 

Кој решава кои реклами се прифатливи?

Во прво време самите Ејео одлучуваа кои реклами се прифатливи. Па имаш ситуација во која компанија блокира банери, добива пари за реклами да се најдат на белата листа, и има целосна контрола над тоа кои реклами се прифатливи. Што би можело да тргне на лошо?

Во 2017 тие веројатно сфатија дека ова ги прaви да изгледаат или зли или глупи, па го смислија Комитетот за прифатливи реклами.

Кој е во комитетот? Мислев никогаш немаше да прашаш. Во 2018, комитетот е составен од:

- 3 огласувачи

- 15 платформи за опслужување реклами

- 5 маркетинг агенции

- 5 создавачи на содржини

- 2 креативни агенти

- 4 истражувачи и академици

- 1 претставник на корисниците

- 4 организации за дигитални права

- 2 корисници

Изгледа како вистински да се трудат со ангажирање на претставници на корисниците, ама нерамнотежата е очигледна. Ајде да ги преброиме:

- 23 огласувачи

- 11 до некаде неутрални ентитети

- 7 претставници на корисниците.

Што е резултат на ова?

На форумите на Адблок плус, голем број корисници се жалат за наметливите реклами кои се ставени на белата листа. Како на пример оваа, која преку програмата е додадена како „прифатлива реклама“:


Не се работи само за тоа дека досаѓаат

Едноставно досадно е да гледаш како насекаде ти се појавува по некоја реклама, посебно кога ад-блокерот е платен да ги искорени.

Меѓутоа се случија многу полоши работи како резултат на он-лајн рекламирање.

Во 2016, Форбс на својот сајт имаше објавено банери кои содржеа малвер.

Ако на Форбс не може да му се верува дека нема да дозволи малвер на својот сајт, тогаш на кого можеш да му веруваш? Проблемот е што веб-страните имаат договори со џиновски мрежи за реклами кои одлучуваат кои реклами ќе бидат прикажани.

Во име на профитот, овие мрежи тврдат дека не можат да ја верификуваат содржината на нивните реклами. Тоа би било прескапо.

Замисли да отвориш весник како Њујорк тајмс и да видиш реклама на цела страна за измама со плаќање. Такво нешто не би се случило, затоа што идејата дека веб-страните (или мрежите за реклами) немаат контрола врз рекламите што ги објавуваат е апсолутно смешна.

Тие ја трампаат безбедноста на читателите за ситни пари.

 

Кои компании користат Прифатливи реклами?

Ејео програмата наречена „Прифатливи реклами“ се користи од:

- Адблок плус на десктоп и ИОС

- Адблок браусер на ИОС и Андроид

- Адблок екстензија

- Кристал на ИОС и Андроид

Самиот Адблок е интересен случај - тој порано беше независна екстензија создадена од еден програмер во слободно време. Во 2015 тој го продава Адблок заедно со неговите 40 милиони корисници на „анонимен купувач.“ Кратко по ова, тој почна да ја користи програмата за прифатливи реклами.

Се прашувам кој би можел да биде тој купувач.

Еден од конкурентите, Адгард, има слична програма која дозволува релевантни реклами. Разликата е што Адгард не зема пари за додавање на реклами на белата листа.

 

Што може да се направи?

Инсталирај подобар ад-блокер.

На десктоп, Ублок ориџин го добива мојот глас.

На мобилен, Фајрфокс фокус е убав и лесен браусер со вграден ад-блокер.

Ако попрво би го користел Сафари на Ајфон, можеш да инсталираш блокатор на содржини. Овие апликации работат така што во позадина ги филтрираат податоците додека користиш Сафари:

- 1Блокер легаси

- Адгард

И двете апликации имаат и платена верзија, ама и бесплатните ги блокираат сите реклами во Сафари. Нема досадни ограничувања во бесплатните верзии.

И немој да ризикувате со инсталирање на рандом ад-блокер на Хром. Адгард неодамна откри дека над 20 милиони луѓе имаат малвер кој го инсталирале како ад-блокер за Хром.

 

Престанете да им давате пари на Ејео

Сериозно, ве молам престанете да користите производи кои ја поддржуваат програмата за Прифатливи реклами. Таа им ги зема парите на веб-страните и ги става директно во џебот на Ејео.

Ако веќе блокирате реклами, барем правете го тоа одговорно.

Самуел Рикс

9 мај 2018 - 11:22