Контра-пучот во Турција

Иронично е што, додека припадниците на војската започнаа државен удар против него, Претседателот Реџеп Таип Ердоган се одлучи на герила медиумски тактики - обраќајќи се преку Фејстајм апликацијата на неговиот мобилен - за да ги повика Турците да се спротивстават на пучистите.

Ердоган ни најмалку не бил пријател на слободниот говор, сурово наметнувајќи ја контролата над медиумите и ограничувајќи ги човековите права и слободниот говор. Сепак илјадници одговорија на неговиот апел, потиснувајќи ги бунтовниците и демонстрирајќи дека се уште ја вреднуваат демократијата дури и ако Ердоган го еродираше нејзиното значење.

Ерозијата сега изгледа како најверојатно да ќе се забрза, по ужасна цена за турските граѓани и создавајќи нови предизвици за меѓународните обиди за справување со Исламската држава и сопирање на убиството на соседот на Турција, Сирија.

Имајќи ги предвид хаотичните и крвави случувања од последните два дена нема многу сомнеж дека Ердоган ќе стане по осветољубив и опседнат со контрола од кога и да е, искористувајќи ја кризата не само за да ги казни побунетите војници туку и за дополнително да поништи какви и да се остатоци од дисидентство во земјата. "Ќе платат голема цена за ова. Овој бунт беше подарок од Бога за нас бидејќи тој ќе биде причината за да ја расчистиме нашата армија," изјави тој.

Од доаѓањето на власт во 2003, Ердоган станува се по авторитативен лидер кој ја оддалечува својата земја од визијата за умерена муслиманска демократија за која многумина, во Турција и низ светот, се залагаа. Нестабилниот Блиски Исток не може да си дозволи распаѓање на уште една држава, посебно на држава која е клучниот бедем на источното крило на НАТО и ја има најголемата армија во регионот. Во изјава од петокот, САД ја истакнаа својата "апсолутна поддршка за турската демократски избрана, граѓанска влада и демократските институции."

Турската војска има историја на организирање државни удари во одбрана на секуларизмот, иако армијата ја нема директно освено власта уште од 1980. Иако имаше тензии меѓу Ердоган, чија партија се базира на Исламизмот, и војската, тој плански работеше на слабеење на армијата како институција. Неодамна, армијата изгледаше како да почна да добива малку поголемо влијание заради своето изолирање од политиката и менаџирањето на бруталната војна против курдските сепаратисти.

Ердоган беше експедитивен во саботата во справувањето со своите непријатели, вистински или замислени. Властите објавија дека се уапсени околу 3.000 членови на вооружените сили, вклучувајќи и бригаден генерал, како и прочистување на судството од 2.745 судии. Ердоган за обидот за државен удар ги обвини следбениците на Фејтула Ѓулен, муслиманскиот свештеник кој живееше во егзил во Пенсилванија, и кој до пред 3 години беше негов најголем сојузник. Се знае дека Ѓулен има голем број следбеници во турската полиција и судството, меѓутоа не толку многу во војската. Дополнително, Ѓулен го осуди пучот преку веб-страната на групата, Алијанса за заеднички вредности.

Во побуната која започна во петокот вечерта кога дел од армијата зазема два моста во Истанбул наводно се убиени 265 луѓе, вклучувајќи "пучисти" и цивили. Пучот вклучуваше тенкови, воени авиони и воени хеликоптери; според новинските извештаи дел од силите го бомбардираа седиштето на турското разузнавање и парламентот во Анкара.

Во стратешка смисла, последиците од бунтот веднаш се почувствуваа. Турските власти во саботата ги прекинаа американските воздушни напади против ИСИС, кои полетуваа од базата Инџирлик. Имајќи ја предвид очигледната поделба во турската војска околу Ердоган, врските меѓу американската и турската војска, клучна алка во турско-американските односи, ќе бидат многу покомпликувани за менаџирање. Американски функционер сметаат дека тие би можеле да ја попречат соработката околу Сирија и останатите прашања на страна од ИСИС.

Како што покажа одговорот на државниот удар, Ердоган задржува значителна поддршка во неговата земја од 80 милиони луѓе, и покрај целата поларизација што ја предизвикува. Човек само може да се надева дека овој очаен бунт ќе го натера да им подаде рака на противниците, меѓутоа досегашното однесување на Ердоган насочува во друг правец. Побуната и постојаните политички тензии е многу веројатно да ја компромитираат демократијата во Турција и нејзината способност да биде стабилизирачко влијание во НАТО и регионот.

Уредништво на Њујорк Тајмс

------

- Руски поглед на превратот: Циркуска претстава за Ердоган

18 јули 2016 - 10:42