Има некоја космичка правда во тоа што во десничарскиот јуриш е оддуван и привремено тргнат од сцената еден од највлијателните ликови од гарнитурата на политички мекотели кои узурпирајќи ги "левите" придавки и традиција, вистински ја уништија левицата.
Тој процес додуша трае неколку години, но, токму во мандатот на Иво Јосиповиќ во полна светлина е претставен раскошот на тоа предавство, и тоа првенствено преку стратегијата на усвојување и "поправање' на матриците на кои јаваат (десните) политички противници; значи преку амбицијата за козметичко дотерување на неолибералниот капитализам и нео-усташкиот национализам.
Уште од покојниот Ивица Рачан, калкулантската хрватска социјал-демократија ревносно ги презема речиси сите клишеа на туѓманизмот (вклучувајќи го и мистично-религиозниот однос кон државноста), со рефорсмки зафат кој се исрпцува со тоа тие клишеа да бидат облечени во "попристојно" руво а суштински да останат недопрени. Притоа не се оптоваруваат со едно прашање од техничка природа: Како, побогу, ќе упристоиш пцовка?
Во моментот кога глумецот Божидар Алиќ, пијан ко талпа, значи во ментална кондиција на автентичен хадезеовец, преку телевизиските екрани им се обрати на "Хрватите и Хрватките" со порака која излета природно како тапа од пенливо вино - "Фала му на бога што победи Колинда Грабар Китаровиќ против оваа удбашка, србофилска и четничка струја" - Иво Јосиповиќ можеше, ако поседуваше барем малку аналитичка дарба, да се запраша што му требаше во текот на предизборната кампања да го прогласува фамозното Туѓманов "помирување" за генијално државничко постигнување, што му требаше хрватските бранители кои го брусат хрватството и сеат страв да ги прогласува за "пријатели" или кукавички да менува некои луѓе само за да не биде идентификуван со омразеното "југословенство", или пак преку други луѓе да најавува пакет уставни измени со кои драстично би се намалило влијанието на претставниците на националните малцинства.
Во таа желба да задоволи туѓмановски и националистички сентименти. Јосиповиќ молчешкум се откажа и од врвот на социјадемократската партија настојувајќи да воспостави дистанца кон актуелната Влада, бидејќи (малку) пожестоката антинационалистичка реторика на Милановиќ му имала веројатно вкус на екстремизам. На крајот, на сцената остана автохтоната десна и лажливата лева фраза: првата ги мобилизираше ордите зависни од татковинската ирационалност а втората - неподготвена вистински да ѝ се спротивстави на првата - убиваше во поим со опортунизам и лигњократско играње на сигурно.
Колинда Грабар Китаровиќ немаше дилеми околу партиската лојалност па победничкиот говор по добиените избори прв го одржа - Томислав Карамарко. Тој детал зборува многу, а најмногу тоа дека новата претседателка, со функција која има симболичко значење, е само претходница на неофашистичкото движење кое својата полна сила би можело да ја покаже на следните парламентарни избори.
Триумфалното јавление на Карамарко покрај кого се смешкаше крунисаната партиска служавка, ја нагласи и најважната карактеристика на претседателските избори во Хрватска а тоа е дека се тие - освен заради демократска гимнастика и покажување на колективниот адреналин - потполно непотребни. Просто, не постои никаква причина оваа земјичка да има претседател на Републиката, ниту пак тој за нешто служи освен за билдање на сопственото "државничко" его.
Затоа и кандидатите, знаејќи дека ги глумат своите улоги и дека глумата ги чека и наредните 5 години, спроти гласањето најжестоко спореа околу оние проблеми на чие решавање објективно не можат да влијаат. Никому тоа посебно не му пречеше, напротив, излезноста беше прилично висока. Затоа и овие избори беа школски пример за препарирање на масите да учествуваат во ритуалот на легитимирање н политичките класи чие реално значење се манифестира преку нивната одвишност.
Таа интересна демократска поза - "граѓаните да решаваат" така што ќе ги изберат оние што не решаваат за ништо - не само што потврдува дека обредот е поважен од содржината туку и дека политиката, освен во нејзиното подземно дејствување, веќе и не постои надвор од сферата на голиот маркетинг.
За среќа, овојпат и кандидатот и кандидатката со своите лични политички и карактерни особини ѝ одговараа на непотребноста на функцијата за која се тркаа.