Бруталноста на Доналд Трамп кон своите сојузници требаше да доведе до големиот „европски момент“ по прашања кои се клучни за одбраната на континентот или за неговото единство соочен со руската агресија во Европа и Сирија. Ние сме километри оддалечени од тоа. Брегзит, доаѓањето на популистички и „нелиберални“ влади во Унгарија, Полска и Италија отворија нови поделби, додека Германија се соочува со сериозен сомнеж во самата себе. Соочени со миграцијата, реакцијата на европските држави е да ја признаат својата колективна неспособност да развијат заедничка визија.
И на одбранбениот фронт Европа нема стратешка визија. На следниот НАТО самит во јули, Европа повторно ќе се обиде да одговори на предизвиците поставени од Доналд Трамп. Меѓутоа и покрај обидите кои заслужуваат пофалба, како создавањето на европски фонд за зголемување на воената способност или посветеноста на Ангела Меркел на зголемување на воениот буџет на Германија, Европа и понатаму е далеку од способна да се ослободи себе си, воено, од Соединетите држави.
Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, светот влегува во нова фаза. Американскиот претседател се среќава со севернокорејскиот диктатор на самит за прв пат по примирјето од 1953, или повикува Русија да се врати во новиот Г8. Или тој се договора околу меѓународната трговија со Пекинг зад грбот на Европејците. Кина ги помага своите пиони во Африка. И во секој од овие случаи, Европа никаде ја нема. Точно е дека во Азија, во Јужното кинеско море, е најголем ризикот за конфронтација на двете спротивставени суперсили на 21-от век, Кина и САД. Ова веројатно е лекцијата од минатата седмица.
Со растурање на единството на Г7, и најавувајќи намалување на американското воено присуство на Корејскиот Полуостров, Трамп веројатно му даде на Кси уште една карта за играње. А Европа никој ништо не ја праша.