"Ако го читаме Брукс ќе добиеме впечаток дека Клинтон само што се појавила во американскиот политички живот, кога таа всушност постојано е прва дама на САД, сенаторка и државен секретар. Дали тој ја заборави нејзината поддршка на инвазијата на Ирак во 2003 година, трите говори кои ги одржа пред банкарите на Голдман Сакс (и секој го наплати по 225 илјади долари), непоколебливата поддршка на договорот за слободна трговија, поддршката во соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи?
А што да се каже за судирот на интереси во кои беше вмешана Фондацијата Клинтон - еден вид семејна филантропска мултинационална организација - во времето кога Хилари Клинтон служеше во администрацијата на Обама? Според Њујорк тајмс, службеници на фондацијата успеаа со интензивно лобирање кај државниот секретар парите наменети за федералната програма за борба против СИДА во Руанда да ги пренасочат кон еден од своите образовни програми...
... Всушност, да се гласа за Хилари Клинтон на изборите во ноември значи да се избере еден нераздвоив пар чии двајца членови се најдобри советници еден на друг. Впрочем, поранешната секретарка веќе ги објави своите намери: ако победи на изборите, економската политика ќе ја води токму нејзиниот сопруг. Неговата задача ќе биде да ја 'ревитализира економијата, бидејќи он знае како се прави тоа,'" пишува Мекартур во текстот на Ле монд дипломатик.
Разработувајќи го резимето на Хилари, Мекартур објаснува дека во моментот кога Бил станува гувернер на Арканзас, таа се поврзува со хуманитарни организации "во надеж дека ќе ја изгради легендата за својата великодушност. Меѓутоа во годините минати на југот, од 1977 до 1992 таа работи како адвокат во адвокатска канцелари каде еден од главните клиенти е Волмарт." Токму преку оваа адвокатска канцеларија таа влегува во управниот одбор на Волмарт каде се задржува од 1986 до 1992. Писателот Пол Теро ја исмева Фондацијата Клинтон дека е амбициозна околу спасување на африканските слонови, додека е незаинтересирана за сиромашните црнечки семејства во Арканзас.
Мекартур потсетува дека во 1992 Хилари е присутна и на потпишувањето на НАФТА договорот, кој комплетно го поддржува и покрај тоа што демократските гласачи го презираат, претежно затоа што е договорен од претходникот на Бил Клинтон, републиканецот Џорџ Буш. Договорот е изгласан благодарејќи на поддршката од тогаш вториот најважен републиканец во Претставничкиот дом, Њут Гингрич.
Токму соработката со републиканците му помага на Бил Клинтон во 1999 година го дерегулира Вол Стрит со укинување на поделбата на комерцијалните и бизнис банките. Ова се смета и за пресвртницата која подоцна ќе доведе до хипотекарната криза и глобалниот финансиски крах.
Официјалниот почеток на политичката кариера на Хилари е кандидатурата за сенаторка од Њујорк во 2000-та. Од оваа позиција, како демократска сенаторка, таа има одлична соработка со администрацијата на Буш, и меѓу демократите е една од најгласните поборнички и поддржувачи на инвазијата на Ирак, во тоа време изедначувајќи ја со бомбардирањето Србија, кое нејзиниот сопруг го наредил од "благородни побуди, за да се спречи прогонот и етничкото чистење на милиони Албанци на Косово."
"Демократската кандидатка сепак се чини попредвидлива од Трамп, кој не прекинува со насилничките говори против 'радикалните муслимани' и 'имигрантите'. Нејзината смиреност и чувство за мерка се привлечни дури и за републиканците...
... Дискурсот потсетува на судирот меѓу Жак Ширак и Жан Мари Ле Пен во вториот круг на претседателските избори во 2002, кога француската левица мораше да го поддржи десничарскиот кандидат со цел да ја заштити земјата од 'фашистичката опасност'. Но Ширак несомнено е попрогресивен од Клинтон, посебно по прашањето за надворешната политика. Американската претседателска кампања попрво би наликувала на трка меѓу Ангела Меркел и Силвио Берлускони, во која американската левица би одлучила да ја поддржи Меркел," пишува Мекартур.