Европа ја купува иднината, Америка ја гради

Кога Америка и Европа ќе се соочат во дебата за БДП-то, исходот не е толку јасен како на фудбалски натпревар. Економистите знаат да исчекорат од економскиот терен во етнографијата. САД прашуваат: Ако Европа осиромашува, зошто се чувствува толку пријатно? Европа возвраќа: Американското предградие можеби нема шарм на средновековен град, но затоа е богато.

Европејците не одат често на одмор во Америка: премногу е далеку и премногу е скапо. Освен за Светското првенство. Додека навивачите ги бркаат своите екипи низ Америка ова лето, тие откриваат кантри музика, ранч макало и - највпечатливо од сè, богатството на американските предградија. „Брат, ова им е бензинска пумпа?“, коментира европски навивач зачуден од гигантските пропорции на тексашкиот паркинг-супермаркет Bu-cee’s со повеќе од 50 пумпи.

Американското богатство што ги вџашува туристите ги загрижува европските елити. Америка, некогаш врсничка, брза напред. Италијанскиот економист Марио Драги ја нарекува стагнацијата на Европа „егзистенцијален предизвик“.

Оттука и острината во дуелот за економските мерки, како финале на Светското првенство во економија. Капитен на американскиот тим е нобеловецот Пол Кругман. На чело на другиот се Французинот Филип Агион и шпанскиот економист Луис Гарикано.

Стратегијата за економска дивергенција на тимот Агион-Гарикано вели дека БДП по жител во Франција од 1990 година се намалил за околу 15% во споредба со Американците. Слично е и во остатокот од Западна Европа. Оваа мерка за „константен паритет на куповната моќ“ го претвора економскиот производ во заедничка валута врз основа колку стоки и услуги може да се купат. Агион-Гарикано го истегнуваат овој однос низ времето, со реалната стапка на раст на земјата.

„Тековниот паритет на куповната моќ“ на Кругман го прилагодува односот за секоја година. Според оваа мерка, Европа со децении е на линија со Америка.

Па како тоа Европа губи според едниот модел, а во другиот постојано извлекува нерешено?

Во теорија, една земја може да расте побавно од конкурентот без да стане релативно посиромашна. Да претпоставиме дека технолошкиот сектор на Америка е побрз од европскиот (каков што е). Ако сè друго е исто, технологијата би поттикнала поголем американски раст. Но, зголемената технолошка продуктивност ги намалува цените за сите, и дома и во странство. Тоа ја зголемува европската куповна моќ, делејќи го неочекуваниот приход од продуктивноста, се обидува да објасни Оливие Бланшар, поранешен главен економист на ММФ.

Под некои услови, добивката може дури и да се подели пола-пола, како во сценариото што го моделира Кругман. Америка расте побрзо, но куповната моќ на Европа се одржува. Тековниот коефициент на паритет на пазарот ја вреднува американската технологија по новите, пониски цени. Но, пресметката се потпира на неверојатната претпоставка дека Америка нема да го искористи поголемиот дел од добивката од растот на својата продуктивност со многу поголема продажба по тие поевтини цени.

Антонин Берго од HEC Paris забележува дека овие пристапи даваат различни резултати поради сложената математика за претворање на широк и променлив список на цени во чист индекс. Стоките што се репрезентативни во една земја може да бидат бескорисни за друга. Многу француски сирења не се достапни за Американците и обратно, или стануваат достапни во различни години.

Ниеден индекс на цени не може и да одразува што купуваат потрошувачите и да биде споредлив низ просторот и времето, вели Берго.

Со што можат двата тима да се согласат? Прво, Европа расте побавно од Америка. Второ, тоа е проблем: дури и ако Европа може да се влече на динамиката на Америка, како што тврди тимот Кругман, тоа не е начин да се води економија. Трето, ерата на вештачката интелигенција може да покаже помалку милост.

Европските навивачи што подзинуваат пред Bu-cee’s знаат кој води.

The Economist

24 јуни 2026 - 12:30