Уште не сакаме да разбереме. Дури и сега кога стапката на смртност експоненционално почна да расте низ Европа и најголемата економска криза на нашето доба се продлабочува, белите лаги и понатаму опстојуваат. Дека фудбалската сезона би можела да се заврши до средината на јули. Дека Олимпијадата би можела да се одржи една или две недели подоцна. Дека летото исполнето со спортови ќе го врати оптимизмот кај нацијата. Тоа е епска заблуда. И, искрено, веќе имаме доволно такви.
Викендов разговарав со водечки експерт, кој беше вклучен во создавањето национален план за справување со коронавирус пандемијата, за да го прашам кога спортот како што ние го знаеме - пред преполни трибини - би можел да се врати. Неговиот одговор беше отрезнувачки: „Моето очекување за вакво нешто е долг временски период. Нема едноставни решенија на повидок. Во прашање се месеци и месеци - па можеби дури и следната година или потоа.“
Само шарлатани, тапкароши и суперпредвидувачи можат самоуверено да ја предвидат иднината. Меѓутоа ако внимателно ги слушаме научниците и медицинските професионалци ќе можеме да предвидиме што следно ќе се случува. Работите ќе станат полоши.
Уште повеќе луѓе ќе ги изгубат своите животи. Националното здравство ќе биде ставено под огромен товар. Дури и по пикот - без разлика кога тој ќе се случи - ќе биде потребно време за мерките за општествено дистанцирање да бидат релаксирани и коронавирусот да биде зад нас.
Научните експерти со кои зборував, под услов за анонимност, тврдат дека најдоброто сценарио е да се развие тест за антитела кој ќе ни каже дали значителен дел од населението е заразено и излечено. Но, тој нагласи, веројатно ќе треба да минат 6 месеци за тоа да биде развиено, произведено и тестирано врз популацијата.
Во меѓувреме вакцина може да не биде готова во период од 18 месеци, имајќи предвид дека таа ќе мора да ги мине тестовите за безбедност.
„Се уште имаме многу малку податоци за тоа колку е присутен ковид-19 меѓу популацијата. И можеби кога ќе ги имаме тие тестови ние ќе откриеме дека всушност има голем број од населението што било изложено и што било асимптоматично и е имуно на вирусот. Тоа може комплетно да ги промени работите. Меѓутоа во овој момент не го знаеме тоа. И би било многу невнимателно да претпоставуваме дека сè ќе биде во ред по тоа,“ изјавил еден од експертите во разговор со Шон Ингл од Гардијан.
Дури и фудбалот повторно да стартува зад затворени врати, има очигледни проблеми. Ако еден играч излезе дека е позитивен на вирусот тогаш цела негова екипа ќе мора да се само-изолира на 14 денови, дополнително продолжувајќи ја сезоната. Распределување амбулантни возила на натпреварите би било крајно неодговорно имајќи предвид дека националното здравство и вака едвај постигнува. Како што објаснија научниците: „Ние сме на многу лошо место. И до сега немаме зборувано за влијанието врз економијата. Потенцијално имаш голем број луѓе кои нема да можат да си дозволат да одат на фудбалски натпревари.“
Навистина, како што кризата се шири се прашувам дали нашите најголеми клубови ќе почнат да чувствуваат одговорност за да им помогнат на оние што се подолу во синџирот на исхрана. Ако клубовите од Премиер лигата можат да фркнат по 250.000 фунти секој за златното збогување на Ричард Скудамор од 5 милиони фунти, тогаш тие сигурно ќе можат да најдат пари за да им помогнат на клубовите од подолните лиги.
Повеќе врвни играчи треба да размислуваат за тоа како да вратат назад во заедницата. Секој навивач чувствува дека има симбиотична врска со својот клуб; а без навивачи кои плаќаат претплати за Скај спорт и сезонски влезници, платите на играчите нема да бидат ни приближно астрономски.
Можеби пред објавување видеа на социјалните медиуми од нивните луксузно уредени домови, повеќе играчи би можеле да стават рака во својот џеб? Не е дека не можат да си дозволат. Според неодамнешен извештај од Глобал салари, просечната плата за првотимец на Премиер лигата е 61.024 фунти неделно - тоа без надоместок за појавување, бонуси и слични бенефиции. Ова вкупно се 30 милиони фунти неделно во основни плати за екипите од Премиер лигата. Замисли ја разликата ако секој играч ја понуди својата 1-неделна плата во добротворни цели? Точно, викендов играчите на Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити донираа вкупно 100.000 фунти за да им помогнат на банките за храна. Оваа вест е добредојдена, но и понатаму е капка во океанот.
Барем во неделата МОК за прв пат призна дека Олимпијадата во Токио може да биде одложена. МОК си даде 4-неделен рок за да го одлучи ова. Меѓутоа имајќи ги предвид сеприсутните ограничувања за јавни собири и затворените терени за вежбање, речиси е невозможно за голем број спортисти да тренираат, па Токио 2020 најверојатно ќе се претвори во Токио 2021. Дури и ако вирусот до летоска е ставен под контрола во Јапонија, речиси е сигурно дека тој ќе опстои во другите држави. Дали навистина ќе биде паметно да се дозволи 10.000 спортисти и речиси 1 милион публика да долета во Јапонија од целиот свет?
Експертот во повеќе наврати нагласи колку е неизвесна иднината. Може да има втор или трет бран на вирусот. Тој може да мутира во нешто полошо. Како и да е, кога го прашав дали има каква било шанса оваа сезона на Премиер лигата и Лигата на шампиони наскоро да завршат, или Олимпијадата да се одржи како што е планирано, тој беше апсолутно јасен. „Мислам дека е заблуда да се помисли дека такво нешто може да се случи. Ако луѓето го тврдат тоа (дека е возможно), тогаш тие немаат апсолутно никаква претстава што допрва ги чека.“