Наградата за најхрабар лик во натпреварот за американски претседател ја добива Рик Санторум. Ултра-конзервативниот кандидат кој се бори за републиканската номинација неделава ја посети Ајова, каде само една жена се појави за да го поздрави. Ама кандидатот и понатаму го нарече настанот успешен. Ајова е сојузна држава во која освојуваш еден по еден глас. Само уште 30.000 такви средби и Рик ја има номинацијата.
Во републиканските и демократските партиски избори наводно веќе излегоа фаворитите: Џеб Буш и Хилари Клинтон. И двајцата ги сметаат за добитнички умерени, и двајцата преполни со пари. Но работите се покомплицирани отколку што тоа изгледа. Одлучноста на луѓе како Санторум отсликува изборен циклус полн со идеолошки проблеми и можности.
Од кај Републиканците имаме уште една верзија од Буш брендот. Џорџ сениор беше патрициј прагаматичар, Џорџ помладиот беше религиозен конзервативец а Џеб има репутација на умреност. Џеб вели дека можеби не би тргнал во војна во Ирак, и дека би примил имигранти. Присуството на сопруга Мексиканка до него ветува расно помирување. Секако, изгледот може да лаже. Како гувернер на Флорида, Џеб умерениот ја укина програмата за поддршка наменета за вработените што не се од бела раса. Тој исто така го потпиша и законот кој им дозволува на голем број белци да пукаат во црнци доколку се чувстваат загрозени во нивно присуство.
Без разлика, Буш е перципиран како умерен кандидат со најголемо име - па затоа и го собира најголемиот кеш. Сепак на националните анкети тој собира само 14%. Неговиот најблизок ривал - Скот Вокер, Гувернерот на Висконсин и херој на анти-унионистите на Десницата - заостанува само еден поен. А тој уште нема ни објавено дека се кандидира.
Под Буш и Вокер, трката се разделува идеолошки на начин кој обележува поделен електорат кој се бори околу самото значење на републиканизмот. Некои се привлечени кон сенаторот Марк Рубио: згоден, Кубанец, кој нуди конзерватизам со ново лице. Сенаторот Линдзи Грем тука е за неоконзервативците. Поранешниот гувернер на Тексас, Рик Пери, зборува за старите добри момци. Религиозните конзервативци имаат избор на претек. Тука е Санторум, неврохирургот Бен Карсон, сенаторот Тед Круз и поранешниот гувернер Мајк Хакаби - пензиониран проповедник. Тој изјави дека би сакал "некој да ми каже... кога бев во средно" за трансродовите, за да може да се тушира со девојките после часовите по физичко. Обвинет за нетрпеливост, тој одговори дека тоа што го зборува е само "здрав разум." Полибералниот гувернер Крис Кристи од Њу Џерси веројатно нема да се согласи - па кога ќе ја објави кандидатурата ќе треба да се бори против Џорџ Патаки од Њујорк за гласовите на умерените од Нова Англија. На крај тука е Ранд Пол - либертаријанскиот сенатор која би сакал да ја сведе владата на нула и да излезе од сите странски војни. Подоцна ќе се вратам на него.
Сега треба да ја замислиш Хилари Клинтон како ја надгледува бркотницата кај Републиканците злочесто потсмевајќи се во себе. Но таа има и сопствен проблем. Иако доминира меѓу демократите тоа најмногу се должи на тоа што малкумина имаат чуено за другите кандидати. Но имаат чуено за Хилари и колку подолго размислуваат на неа, толку повеќе и паѓа рејтингот.
Хилари преставува крајниот адут на естаблишментот: таа не застапува ништо и нејзината доминација го задушува духот на либерализмот. Всушност, толку е ужасен консензусот дека "мора да биде Хилари" што во него се содржат зачетоците на нејзиниот пад - исто како што беше во 2008-ма. Веќе има знаци на разидување. Потпретседателот Џо Бајден гледа од страна. Поранешниот гувернер на Мериленд Мартин О'Малеј се кандидира за да направи метеж меѓу либералните гласачи, ама неодамнешните немири во Балтимор покажуваат дека тој може да е дел од истата "ред и закон" агенда што е репресивна кон црниците, која ја поддржуваше и Буш. Поранешниот сенатор Џим Веб е анти-воен воен ветеран ама освен тоа е прилично умерен. Сите очи се свртени кон лево. Кон Сенаторот Берни Сандерс.
Сандерс чиј брат е политичар од зелените во Британија може да биде првиот отворено про-социјалистички Американец од 1920-та кој се кандидира со сериозна претседателска кампања. Берни влета во оваа трка ветувајќи дека ќе ја крене највисоката даночна стапка на 90% и ќе воведе социјална здравствена заштита - и на одредени места веќе е на второ место на анкетите и има тони енергија од активисти кои стојат зад него. Можеш да го отпишеш овој ентузијазам како привремен пик. Ама зошто воопшто се случил овој пик? Затоа што грас-рут демократите веруваат дека Демократската партија ги разочарала според сопствените прогресивни стандарди. Дури и под Барак Обама - не само црнец туку и либерал по инстинкт - нееднаквоста порасна, афро-американците се уназадени а владата на САД бомбардираше странци и го шпионираше сопствениот народ.
Американците почнуваат да го забележуваат руинирањето на нивните сопствени идеали. Додека Сандерс ја пали крајната левица, Пол сака Републиканците да се вратат на нивните индивидуалистички корени. Меѓу нив тие можат да ја генерираат првата сериозна интелектуална дебата околу правецот во кој се движи државата од 90-те - кога сиромаштијата, расизмот и војната го започнаа последниот бунт меѓу гласачите во двете партии. во 1992-ра партиите решија да ја изберат средината. Тие го номинираа Бил Клинтон да се бори против претседателот Џорџ Буш. Дали Американските гласачи ќе се одлучат за уште една Клинтон вс. Буш борба? Човек само може да се надева дека нивата фантазија е поголема.