„Македонија“ повеќе нема потреба од наводници

Да ја викаме „Скопје“ кога сме во Грција за да не попиеме бокс, а да ја викаме „Македонија“ кога сме во странство, за да не нè мислат луѓе дека сме идиоти.

Пред околу два месеца нарачав кафе во кафетеријата на Долниот дом на британскиот парламент. Девојката што ми го правеше кафето ме праша од каде сум бидејќи ѝ звучев познато. Кога и одговорив дека сум од Грција таа се насмевна, одговарајќи дека така и мислела бидејќи таа самата е од Македонија.

И кажав дека минав низ нејзината држава, кога возев за Србија. Кога дојде време да платам, таа не сакаше да ми земе пари: „Кафето е од мене, затоа што ти си првиот Грк што сум го слушнала да каже ’Македонија’“.

Кога ја раскажувам случката јас сум под наплив на сомнежи дали треба да го правам тоа. Се плашам, прво, да не се опишам себе си како покул, слободоумен либерал кој врши притисок врз сите оние мои сонародници што се чувствуваат навредени затоа што соседната држава го користи името „Македонија“, да се опуштат.

Исто така се плашам дека некои Грци ќе ме сметаат за предавник. И последно, на неколку моменти се почувствував како идиот кој го трампа семејното наследство за едно кафе.

Знам многу луѓе кои мислат исто како што мислам и јас.

Немам ниту еден пријател во Грција кој вели „Македонија“ кога зборува за Македонија.

Ниту еден колега кој може да го напише тоа име без да стави наводници, дури ни оние на кои ни најмалку не им е гајле за проблемот со името.

 

Историја од Студената војна

Во 1991, Грците, со масовни демонстрации и активно дипломатско маневрирање, и го оспорија на соседната држава, која само што доби независност од Југославија, правото себе си да се нарекува Македонија.

Грчкиот аргумент беше дека во рамките на Грција има регион со исто име и дека Поранешна југословенска Македонија ќе полага право на него. Ова прашање останува нерешено до ден денешен.

Секако, целиот овој проблем околу името Македонија е завршен. Двојната формула преовлада.

Целиот свет земјата ја нарекува Македонија, а во Грција се нарекува Скопје. Ако „Скопје“ како национално обележје не постои во странство, истото важи и за „Македонија“ во Грција.

Интензивната дипломатска активност од последните денови и средбите меѓу премиерите на Грција и Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, во Давос, ги зголемија очекувањата дека проблемот може ќе се реши по 27 години.

Македонија може конечно да стекне регуларен, формален назив кој ќе биде користен од меѓународните организации, можеби Нова Македонија или Македонија од Северот, која ќе ја разликува од грчка Македонија и истовремено ќе ги задоволи Грците.

Како и да е, светлото надеж, или „ерга омнес“ решението како што грчката страна сака да го нарече, не е вистински од интерес на кој било друг. Никој, никаде, нема да го користи новото име.

 

Остатокот од светот е во право, а не Грција

Кој е право? Остатокот од планетата е во право, не Грција.

Не е можно да наречеш цела држава по името на нејзиниот главен град, ниту да бараш трета држава да се нарекува себе си како што ние сакаме.

Никој во Грција не верува во приказната за иредентистичките аспирации на Македонија, па да можеме да побараме од некој во Британија да почне да верува во тоа.

Како воопшто една од најсиромашните држави во Европа, со длабоки сопствени проблеми со национално малцинство, земја која фанатично сака да му се приклучи на НАТО, претставува закана за држава која е 5 пати поголема и помоќна?

Затоа, тие меѓу нас што немаат проблем со ова, можат да престанат да се однесуваат како да се функционери на Министерството за надворешни работи, ставајќи ја Македонија меѓу наводници во нашите текстови или користејќи несовладливи акроними: ПГДМ е називот без самогласки што Грција привремено го прифати.

Да ја викаме „Скопје“ кога сме во Грција за да не попиеме бокс, а да ја викаме „Македонија“ кога сме во странство, за да не нè мислат луѓе дека сме идиоти.

Бидејќи не само што целиот свет ја нарекува Македонија „Македонија“, туку и ги смета Грците за луди во својата упорност дека таа мора поинаку да биде наречена - посебно затоа што ниту еднаш во последните 30 години никому не сме му објасниле како таа треба да се нарекува.

Тимиос Цалас,
Новинар стациониран во Лондон, вработен во парламентарниот тинк-тенк Хансард Сосаети и коментатор за британска политика за Катимерини.

5 февруари 2018 - 12:22