Зошто даночните служби се плашат од биткоин?

Сржта на технологијата на која се базираат крипто-валутите, блокчејн, е во анонимноста на нивниот сопственик, односно сите трансакции се јавни ама се поврзани само со електронски адреси, а не со име, презиме, матичен или даночен број. И ова е значаен дел од привлечноста на блокчејн технологијата.

Во време кога секој мора да ја пријавува секоја трансакција и приход до последна пара, анонимните пари претставуваат еден од најголемите кошмари за властите и за даночните служби. Ваквиот страв и не е неоправдан, бидејќи Американците пресметуваат дека даночните служби на земјата годишно губат околу 500 милијарди долари во непријавен данок на плати исплатени на црно.

Затоа ширењето на крипто-валутите би можело значително да ја прошири и црната економија и, како што изјави првиот човек на американскиот трезор, Стивен Мнучин, биткоинот би можел „да стане новата сметка во швајцарска банка“.

Во ваква ситуација и размислување американската даночна служба, ИРС, почна да се бори за укинување на анонимноста на крипто-валутите. Тие во ноември минатата година успеаа да убедат американски федерален судија да и нареди на една од најпопуларните крипто-менувачници, Коинбејз, да го открие идентитетот на корисниците на повеќе од 14.000 сметки (на кои отпаѓаат околу 9 милиони трансакции).

Дури и да нема ништо матно зад трансакциите, анонимноста на блокчејн не и дозволува на ИРС да го оданочи профитот од тргување со крипто-валути.

Како пример за ова Њујорк тајмс претпоставува ситуација во која имаш три биткоин сметки А, Б и В.

„На даночната служба и кажуваш дека ја имаш А, ама не и ги кажуваш Б и В. Купуваш биткоин по цена од 15.000 долари и го паркираш во А, очекувајќи дека цената ќе порасне. Само неколку часа подоцна биткоинот вреди 15.500 долари, и биткоинот што го имаш го испраќаш на Б и В.

Неколку месеци подоцна кога биткоинот вреди 25.000 долари, го испраќаш од В на А, а на даночниците им објаснуваш дека биткоинот што си го имал си го продал на непознат купувач со сметката Б кога тој би 15.500, а сега си купил друг биткоин од анонимен продавач со сметката В за 25.000 долари.

Како резултат на ова треба да платиш данок на капитална добивка за 500 долари, а не за 10.000.

Даночниците можат да ги следат сите трансакции меѓу А, Б и В, меѓутоа не можат да докажат дека Б и В не се трети страни,“ пишуваат Ричард Холден и Ануп Малани во текстот за Њујорк тајмс.

Нивната прогноза е дека е незамисливо дека американските власти просто ќе ја прифатат огромната загуба на приходи од зголемената црна економија и избегнувањето данок. Според нив „прашањето е само колку ќе биде тешка реакцијата на властите.“

Еден од пристап би бил владата да прифати дека е тешко директно да се даночат трансакциите на крипто-валути и да ги зголеми даночните стапки за да ги надомести загубите. Слабата страна на ова е што:

„Основите на даночењето ни кажуваат дека економските загуби од даноците растат експоненцијално со даночната стапка, па ваквата реакција ќе ги претвори загубите во државни приходи во понизок бруто-домашен производ.“

Она што е поверојатно е дека американските власти ќе се обидат да ги забранат крипто-валутите, решение „кое ја исфрла валканата вода од корито заедно со бебето.“

Предлогот што го даваат двајцата е властите да се префрлат од оданочување на приход кога тој ќе се прими, на оданочување на приход кога тој ќе се троши, односно данок на трошење, „нешто кое ќе бара суштинско преправање на даночните закони.“

Крипто-валути, почеток на 2018:

 

23 јануари 2018 - 18:02