„Скроени реклами“ или „реклами по мерка“ (tailored ads) е главниот бизнис модел на интернет. Интернет компании собираат колку можат повеќе информации за тебе од интернет, апликации, па и од физички локации. Потоа на огласувачите им се продава можноста да откријат колку ти им вредиш и дали сакаат да ти огласуваат нешто, а ако излезеш дека си им по мерка, како да те убедат во нешто.
Закерберг неодамна напиша отворено писмо во Вол стрит журнал во кое меѓу другото тврдеше дека корисниците на Фејсбук сакаат да гледаат реклами кои се скроени според нивните интереси. Меѓутоа податоците покажуваат дека токму спротивното е точно.
„Со помош на две големи компании за испитување на јавното мислење спроведовме две обемни телефонски анкети меѓу Американците во 2012 и 2009 година. Кога ги прашавме луѓето дали сакаат веб-страните што ги посетуваат да им покажуваат комерцијални реклами, вести или политички реклами ’скроени според вашите интереси’, значително мнозинство одговори ’не’. Околу половина рекоа дека не сакаат ни попусти базирани на нивните интереси, меѓутоа и таа бројка порасна кога им објаснивме како компаниите ги собираат информациите кои го овозможуваат ова кроење, како на пример следење преку веб-страните.
Заклучокот е: Ако корисниците на Фејсбук во Соединетите држави се слични со најголемиот број Американци (а студиите покажуваат дека се), тогаш големото мнозинство од нив не сака персонализирани реклами - а кога ќе откријат како компаниите ги собираат информациите за нив, уште поголем процент не го сака ова,“ пишуваат Џозеф Туроу и Крис Хуфнагл во текстот за Њујорк тајмс.
Надоврзувајќи се на писмото на Закерберг, и неговото тврдење „корисниците константно ни кажуваат дека ако гледаат реклами, сакаат тие да бидат релевантни (кроени), што значи дека ние мора да ги разбираме“, двајцата објаснуваат дека бројките од терен се комплетно спротивни од она што го тврди првиот човек на ФБ. И во овој случај испитаниците главно не сакале ништо кроено да им биде служено, а тие што изјавиле дека немаат против, инстантно се предомислиле кога им бил објаснет целиот процес.
И ова не важело само за реклами, туку и за попусти, и вести кроени и испорачани од алгоритам наместо сите топтан според време на објавување.
Запрашани која тогаш треба да биде казната за интернет компаниите што ги собираат и нелегално ги користат информациите на своите корисници, над половина од испитаниците биле меѓу „компанијата треба да се затвори“ и „директорите одговорни за ова треба да одат во затвор“.
„Користењето лични информации е сериозно прашање за американската јавност. Луѓето даваат согласност за нивно користење само затоа што немаат друг избор. Заблудите како онаа на Закерберг дека тие го сакаат тоа, не треба да останат неоспорени,“ порачуваат двајцата автори.