Социјалните медиуми се епицентри на „информациското војување“, во кои државите вложуваат значителни ресурси за да ги промовираат своите интереси, преку обликување на ставовите на своите и другите граѓани.
Тим истражувачи, предводен од Бриџит Смарт, следел твитер активности од почетокот на руската инвазија.
Биле собрани твитови со амблематични хаштази (#StandWithPutin, #StandWithRussia, #SupportRussia, #StandWithUkraine, #StandWithZelenskyy и #SupportUkraine) во периодот од 23-ти февруари до 8-ми март.
Овие хаштази се одбрани затоа што биле трендинг, но и затоа што се работи за хаштази со кои се идентификуваат обете страни. Се анализирале само твитови на англиски јазик.
Главниот заклучок е прикажан на графиконот подолу. Накусо, огромно мнозинство твитови (90%) биле проукраински, додека само мал процент биле проруски (6.8%).
Ова можеби и не е изненадување, имајќи предвид дека луѓето на Запад главно ја поддржуваат Украина. Меѓутоа, истовремено руши еден мит, дека руските фарми со тролови имаат огромно влијание врз јавното мнение.
Не е небитно и дека за време на анализата, повеќе од 100 проруски профили биле забранети но и пред цензурата, поголем број твитови биле проукраински обоени.
Истражувачите користеле алатка за идентификација на ботови и заклучиле дека околу 70% од содржините се генерирани од такви, при што сличен процент имаат и едните и другите. Има мислења дека ваквите алатки сепак не се докрај веродостојни.
Една друга интересна ставка од почетокот на војната е нагласената присутност на големи, проукраински профили. Еден од нив особено паѓа во очи: „Киев Индипендент“.
Се работи за твитер профил на весникот со седиште во Киев, основан лани и наследник на „Киев пост“ што прегоре во спорот меѓу вработените и газдите.
Фасцинантно е колку брзо овој медиум стана еден од највлијателните медиумски твитер профили за ситуацијата во Украина иако е медиум за кого пред февруари никој и немаше чуено.
На 22-ри ноември имал само 731 следбеник. На 13-ти февруари стигнал до 11,4 илјади. 24-ти февруари, денот на руската инвазија, го дочекал со 37,2 илјади следачи, а до 28-ми март, веќе имал публика од 2 милиона. Оваа ненормална стапка на раст, сигурно се должи и на алгоритамско засилување.
Денес Киев Индипендент има повеќе следачи од ветерани како Дејли Експрес, Мирор или Тајмс. Башка, медиумот воопшто не генерира содржини на украински јазик.
„Независноста“ на Киев е бааги благонаклон термин, имајќи предвид дека весникот добил грант од 200.000 долари од владата на Канада.
Сумарно, проукраинските профили се далеку повлијателни од проруските профили на англиски јазик. Тоа е делумно и затоа што вторите се често забранувани. Сепак, фрапантниот раст на „Киев Индипендент“ покажува дека освен со забрани, влијанието на Твитер се штима и со бустање.