Оние што се занимаваат со правење веб содржини знаат дека во последниве месеци Фејсбук значајно го смени начинот на кој ги пушта споделуваните содржини до останатите корисници на мрежата, односно фановите на некоја Фејсбук група.
Само од октомври до сега, бројот на оние фанови кои ќе видат нешто ваше на Фејсбук е преполовен.
Тогаш изнесуваше 12,05 проценти, денес е 6 а пред две години можевте да очекувате дека споделениот пост ќе го видат 16 проценти од вашата фан база.
И не е проблем што денеска процентот изнесува 6 туку што тој оди накај - нулата.
Магазинот Ad Age најавува дека ова е самиот крај на ерата во која можеше да се користи Фејсбук бесплатно да се шират нечии содржини. Анализата е темелена на истражување од Social@Ogilvy кој следел што се случува со Фејсбук активностите околу фан страниците на 100-тина брендови.
Фејсбук сè погласно порачува дека треба да се очекува еден ден досегот да биде нула, вели водачот на ова истражување, Маршал Менсон.
Генерално, постојат два клучни факти за ова кинење на бесплатното стигнување до читателите. Прво е што и Фејсбук сака да види пари од тоа што го прави (и натаму ќе може да се стигне до фановите ама за тоа ќе треба да се плаќа) а второ е што објективно, Фејсбук стана преголем, со премногу содржина која не може ефикасно да биде дистрибуирана. Со други зборови, односно бројот на оние содржини кои се квалификувани да бидат споделени е поголем од она што корисникот може практично да го конзумира.
Познавачите велат дека компаниите треба да се вратат кон оние стратегии за социјално ширење кои нема да зависат од платформи а и од Фејсбук имаат интересна порака:
"Огласувачите треба да ги гледаат фановите како средство да се постигне целта а не како цел сама по себе. Нивната конечна цел се бизнис резултатите," порача портпаролот на Фејсбук Брендон Меккормик.