Дмитриј Медведев, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, пред некој месец предупреди дека подводните кабли за глобална комуникација можат да станат легитимна цел за Русија.
„Ако тргнеме од докажаното соучесништво на западните земји во минирањето на Северен тек, тогаш немаме никакви ограничувања - дури ни морални - да не ги уништиме кабелските комуникации на на нашите непријатели“, објави Медведев на Телеграм.
Медведев, кој е близок соработник на Путин, и порано знаел да ја пали чергата со бомбастични изјави но експерти предупредуваат дека ова е сериозно реална закана.
Огромната мрежа на подводни оптички кабли навистина е ранлива, неодамна предупреди Центарот за стратешки и меѓународни студии а на ризиците потсети и шефот на разузнавањето на НАТО, Дејвид Катлер. Во јуни, НАТО ги засили авионските патроли во близина на брегот на Ирска поради загриженоста за активноста на руските подморници, објави Сандеј Тајмс.
Доколку каблите настрадаат, огромни делови од интернет услуги што ги земаме здраво за готово и на кои се потпираат нашите економии, вклучувајќи повици, финансиски трансакции и слично, ќе бидат избришани.
Безбедносни аналитичари тврдат дека интернетот не е единствената мрежа на која Русија ѝ бара ранливости. Тука се и навигациските системи ГПС, со што може да се предизвика хаос или колапс на линиите на комерцијалните авиокомпании. На пример, летовите од Хелсинки до Естонија, цел април беа во прекин.
Сето тоа спаѓа во т.н. сива зона на војување која Русија сериозно ја тестира бидејќи е евтин а ефикасен начин да му се нанесе штета на непријателот.
Каблите, кои некогаш носеа телеграфски и телефонски сигнали, денес има преку еден милион километри и се одговорни за пренос на 95% од меѓународните податоци.