Пропадна договорот за контрола на интернетот

САД, Канада, Австралија и Обединетото кралство одбија да го потпишат Договорот за меѓународни комуникации, со што целата идеја за контрола на интернетот, барем сега за сега, е ставена на пауза. Македонија немаше право да бира дали ќе потпишува или не, бидејќи или не си го платила членството во МТУ или имала проблем со документите.


Откако рускиот предлог (подржан од Кина и арапските држави) за надзор и цензура на интернетот беше комплетно одбиен, членките на МТУ (Меѓународната телекомуникациска унија) беа подготвени да го изгласаат новиот договор. На денот на гласањето африканскиот блок, предложил во договорот да се додаде дека - правото на интернет е и човеково право. Ова САД го прогласи како обид "да се прошират овластувањата кои се даваат со договорот," и се повлекува од потпишувањето.

Иако договорот беше прифатен со околу 40 гласа разлика, тој не успеа бидејќи според правилата на ИТУ сите несогласувања мора да се решат со консензус а не со мнозинско гласање. До сега договорот го потпишаа 89 држави, 55 одбиваат да го потпишат а 51 (меѓу кои и МКД) немаат право да одлучуваат. (извештајот тука)

Конференцијата на ИТУ беше организирана со цел да се ревидира договорот за комуникации стар 24 години. Противниците на новите промени имаа забелешка на тоа дека во договорот се бара сите држави да имаат исто право на управување со интернетот.

За најголемиот дел од земјите е проблем што во моментов американските власти се тие кои одредуваат кое тело треба да го регулира интернетот, само врз основа на тоа дека токму САД го имаат финансирано развивањето на мрежата преку Арпанет. Во своја одбрана Американците објаснуваат дека тоа им дозволува на техничките експерти да прават "брзи и редовни одлуки" околу иднината на интернетот.

Ставот на САД беше поддржан од основачите на интернетот Винт Серф и Тим Бернерс - Ли, кои предупредија дека предложените промени претставуваат "закана за стабилноста на системот."

15 декември 2012 - 16:30