Аргументот на Фелдман (го имавме тука), е дека Зукерберг ја признава масовноста на Фејсбук и неговото глобално влијание врз секојдневните настани, притоа продолжувајќи да ја игнорира потребата неговата компанија да придонесе кон заедничкото добро (во однос на интернетот и неговите стандарди), упорно држејќи се до она што е првенствено во нивна корист.
Адриан Лафранс во текстот за Атлантик пишува дека "новиот манифест на Зукерберг, објавен на Фејсбук во четвртокот, треба да ги алармира новинарите, и да го зголеми чувството на итност кај новинските организации околу тоа дали тие можат да преживеат во свет доминиран од Фејсбук". Во однос на тоа што им ги собира парите од реклами на медиумите, Фејсбук не е ништо поразличен од Крегслист (сајтот за огласи) "кој од 1995 го сакати новинскиот бизнис," отсекувајќи го клучниот извор на приходи за печатот откако луѓето престанаа да купуваат огласи во весниците.
Според Лафранс, ако Крегслист беше првиот сигнал, меморандумот на Зукерберг го исцртува планот за следната фаза, во кој заканата од Фејсбук само расте. Откако веќе несомнено доминира во дигиталните реклами со 8,8 милијарди долари приходи во последниот квартал (на ФБ и Гугл отпаѓаат 85% од онлајн рекламите, додека сите медиуми се борат за останатите 15%), "сега Зукерберг сака да преземе и добар дел од останатите функции на традиционалните новински организации".
Тука Лафранс алудира на најавата на Зукерберг дека сака Фејсбук да развие "социјална инфраструктура за заедницата" која "ќе нè штити, ќе не информира, ќе има граѓански активност и инклузивност за сите", што таа го толкува како негов план "за создавање медиумска компанија со класични новинарски цели".
"Со други зборови, Фејсбук гради глобална редакција водена од роботи уредници и неговите читатели.
Оваа стратегија може да е исправна за Фејсбук, кој има одлична репутација за предвидување што точно сакаат корисниците. Секако не правиш речиси 9 милијарди долари за три месеци создавајќи нешто за кое луѓето не се заинтересирани. Меѓутоа ако новинарството е неопходна компонента од глобалната заедница што Зукерберг сака да ја создаде, тој мора да воочи дека создава смртна закана за новинарството," пишува Лафранс.
За Анали Њувиц проблемот со намерата на Зукерберг да го позиционира Фејсбук како една од главните сили за политички промени, е што тој планира да создаде "глобална заедница" со тоа што ќе ги промени границите и новите ќе ги постави по линијата на истомисленици.
Неговиот план за "значајни групи" предвидува спојување на две групи кои можат меѓусебно да си помогнат. Во неговата презентација тоа беа групи бегалци со групи кои сакаат да им помогнат на бегалци. Во реалноста тоа би можело да тргне и во спротивен правец, па ако си политичар кој сака да "ја зачува безбедноста на границите" ова би помогнало да ги поврзеш разните локални групи на локалци што се против имиграцијата, кои би можеле меѓусебно да си помагаат во идентификување на сомнителни ликови што нелегално ја минале границата. На ова треба да се додадат и новите алатки што Фејсбук ги вети дека ќе ги воведе што ќе ти бидат на располагање за растење на групата.
Она што Зукерберг го најави како "систем на лични контроли", во основа се филтри кои ќе дозволат ти подобро да избереш што ќе ти се појавува на Фејсбук, што според Њувиц "звучи како Фејсбук само одново да го создава проблемот со балонот".
"Целиот дел за ова вреди да се прочита затоа што комплетно ја олицетворува главната контрадикција на она што го тврди во писмото:
'Секој корисник треба да може да сподели се што сака, додека истовремено колку е можно помалку треба да му се кажува дека нешто не треба да сподели. Пристапот ќе комбинира создавање на огромен демократски процес кој ќе ги утврди стандардите што вештачката интелигенција треба да ги спроведе.
Целта е да му се дадат на секого во заедницата опции за тоа како би сакале самите да ги постават правилата за содржини. Која е вашата позиција за голотија? За насилство? За крвави содржини? За вулгарности? Она што вие ќе изберете ќе бидат ваши лични правила. Ние повремено ќе ви поставуваме прашања за подобрување на прецизноста, за вие да не мора да ги барате за да ги одговорите. За оние кои не сакаат да донесат одлука почетните поставки ќе бидат она што одбрале мнозинството луѓе во нивниот регион, нешто слично на референдум. Секако секогаш ќе можеш да ги смениш своите лични поставки.'
И покрај посветеноста на Фејсбук кон глобализмот, тука дознаваме дека стартните правила за она што ти ќе го гледаш нема да бидат поставени од твоите глобални интереси туку 'од она што го избрале најголемиот дел од луѓето во твојот регион'. Да, ќе можеш да ги промениш поставките, ама ако некогаш си пробал да ги менуваш поставките за приватноста на Фејсбук, знаеш дека нема да биде лесно. Најголемиот дел од луѓето никогаш нема да излезат од балонот на нивниот регион," пишува Њувиц.