Кац објаснува дека била под притисок да изврти што е можно повеќе содржина од „бескрајниот куп на вознемирувачки материјали“ што ги објавуваат корисниците на Фејсбук. Таа работи во централата на Фејсбук, иако преку аутсорс компанија, каде издржува околу 8 месеци.
Описот на работната задача на Кац е „да оцени дали статусот ги прекршувал наведените Фејсбук стандарди за заедница,“ што во пракса значи прегледување на „потенцијално ужасен материјал на секои 10 секунди, и носење брзи одлуки дали тој треба да се отстрани.“
Статусите кои стигаат кај нејзе на проверка се нарекуваат „тикети“ и таа добива по околу 8.000 такви секој ден. За неисполнувањето на таргетот за затворени тикети може да се добие предупредување, за првиот пат, па до бркање кое следува за третиот пат.
„По некое време станува монотона работа. Дефинитивно стануваш бесчувствителна за дел од материјалот затоа што гледаш толку многу од него. Многу од содржините знаат одново да бидат пуштани во циркулација,“ објаснува Кац.
Девојката, како и сите нејзините колеги, потпишува документ во кој тврди дека е подготвена за „предизвиците“ на работата и во кој се предупредува дека модераторите ќе бидат изложени на материјали „кои може да бидат навредливи за одредени луѓе“. Во документот пишува и дека вработените треба „итно да го известат Фејсбук“ доколку не сакаат да продолжат.
Минатата година Фејсбук има околу 4.500 модератори како Кац, а до крајот на 2018 се очекува да ангажира уште околу 3.000. Паралелно со нив, Фејсбук работи и на создавање вештачка интелигенција што ќе може да ја врши истата работата.
Само во првите 3 месеци од 2018 Фејсбук има симнато 21 милион постови што содржеле голотија или сексуална активност, и уште 3,4 милиони што содржеле насилство. Плус на ова се уште милиони навреди, спам и терористички постови што биле отстранети.