Ова функционира така што Јаваскрипта ембедирана во некоја веб-страна го користи процесорот на уредот од кој си ја отворил за копање крипто-валути. Иако секој посетител најчесто копа само незабележливо малку, кога ќе се агрегира уделот на илјадници посетители тоа почнува да носи пари.
Во теорија ова не е никаков товар за корисникот, а е благодат кој му носи финансии на медиумот. Во пракса, само втората половина е точна, и најчесто ваквото искористување на процесорот корисникот ниту го знае, ниту го забележува.
Ваквиот софтвер, Коинхајв и неговите копии, може да се намести да користи значителен дел од хардверските капацитети на посетителите, дури и до интензитет кој може да предизвика физичка штета на уредот преку кој е посетен ваков сајт. Во ноември беше откриено дека одредени криптоџекери продолжуваат да работат дури и откако корисникот ќе го затвори табот.
И покрај обидите на Коинхајв да го направи својот софтвер потранспарентен, и колку може легален извор на средства за медиумите, најголемиот дел од антивирусите него го сметаат или за вирус, или за „паразитски“ малвер.