До пред некое време телекомите доста самоуверено тврдеа дека нивната интернет инфраструктура може да ги издржи драстичните промени во он-лајн навиките кои следуваа по избувнувањето на коронавирусот.
Меѓутоа во средата, европскиот комесар за дигитална политика, Тиери Бретон, изјави дека стриминг платформите и телеком компаниите имаат „заедничка одговорност да преземат чекори за осигурување на непрекинато функционирање на интернетот,“ во време на криза.
Ставот на ЕУ е дека стриминг платформите треба да размислат да понудат програми само во стандардна дефиниција, не и висока, а корисниците да бидат одговорни во трошењето на интернет.
Дури и гиганти како Фејсбук се пожалија дека имаат проблеми заради промените во користењето на интернетот. Закерберг вчера изјави дека компанијата се соочува со „бранови“ во користењето на одредени сервиси, тука вклучувајќи го и зголемувањето за два пати на телефонски повици преку Вотсап и Месинџер.
Законите за нет-неутралност на ЕУ забрануваат какво било успорување на ентертејмент платформите како Нетфликс или Твич од страна на телеком операторите.
Во Италија, која беше првата држава што воведе целосна изолација, забележано е трикратно зголемување на видео-конференциите, кои заедно со видео стримингот и видео игрите доведоа до 75-процентен раст на потрошувачката на интернет од домашните корисници.
Шпанските телекоми објавија предупредување во кое корисниците се поттикнуваат да почнат да го штедат интернетот, со стриминг или даунлодирање во време кога гужвата е помала.
Тие исто така побарале од корисниците кога се веќе дома да почнат да ги употребуваат нивните фиксни телефони за разговори и да ги избегнуваат мобилните мрежи, кои деновиве имале 50-процентен раст на трансферот на податоци.
Од Нетфликс признале дека има потенцијален проблем и првично посочиле на постојните алатки што им ги нудат на телекомите, кои дозволуваат видео содржините да бидат хостирани поблиску до корисниците и на тој начин да се олесни товарот врз глобалната интернет инфраструктура. Плус, тие објаснуваат дека технологијата за „адаптивен стриминг“ го адаптира квалитетот на снимката во зависност од брзината на интернетот што е достапен за домашните корисници.
Од вчера Нетфликс објави дека ќе го почитува барањето на ЕУ и ќе почне видео содржините да ги стрима во стандарден квалитет за да се спречи преголемо оптеретување на мрежата.