Иако никој не знае точно кои се луѓево, нив групно ги водат под називот "вумао" или 50-центаши, сленг за 50-те кинески центи (4,2 денари) што наводно ги добиваат за секој пост на социјалните медиуми.
Во студијата изработена од професори од Харвард, Станфорд и Универзитетот Калифорнија, Сан Диего, се заклучува постоење на тајната операција која испумпува по 488 милиони лажни и измислени постови годишно, во обид "секојдневно да се сврти вниманието на јавноста и да се промени темата" од која и да е дневна тема што би можела да предизвика доволно гнев кај граѓаните за тие да излезат на улица.
Она што студијата не успева е да најде какви било докази дека троловите навистина се платени 50 центи од пост, ниту пак дека тие влегуваат во директна или гневна расправа на социјалните медиуми со нивните противници.
"Наместо тоа, тие во најголем дел се бирократи кои веќе се на платниот список на државата, кои во тензични моменти реагираат на директиви од владата за да ги преплават социјалните медиуми со про-владино навивање," пишува Дејвид Вертајм во Форин Полиси.
Еден од авторите на студијата, објаснува дека веројатно најважното откритие се однесува на содржината на нивните постови, која е "комплетно различна од она што до сега го претпоставуваа академици, новинари, активисти и учесници во социјалните медиуми. Сите тие излезе дека не се во право."
"Вистинските 50-центаши, излезе, дека е многу помалку веројатно да дебатираат или да разменуваат навреди со нивните соговорници, одошто да истурат лавина на живи бесмислици сред некоја голема дискусија во најдоброто можно време.
Според истражувачите, нивните постови во 80% од времето биле 'навивачки' а во 13% биле 'неаргументирани пофалби или сугестии.' Меѓу нив има примери како 'Сите треба понапорно да работиме, да се потпреме на самите себе, да преземеме иницијатива и да се движиме напред' или 'Се надеваме дека централната влада ќе ни обезбеди уште повеќе поддршка.' Нема како да реагираш на вакви постови освен да ги кренеш рамениците или да промрчиш - и токму тоа е поентата," објаснува Вертајм.
Во кинески размери ова 488 милиони постови и не изгледа така голема бројка кога ќе се спореди со 80 милијарди постови што годишно се генерираат на кинеските социјални медиуми. Според овој сооднос секој 178-ми пост на кинеските социјални медиуми доаѓа од 50-центашите. Во студијата се проценува дека за да го зголемат своето влијание, троловите се вклучуваат само во време на напнати онлајн дискусии.