Нормално, на Фејсбук не постои буквална апликација за собирање податоци, туку тоа го прават речиси сите апликации што ти побарале пристап до твоите контакти или пријатели. Најголем дел од нив немаат никаква злонамерност зад собирањето податоци, и истите ги користат исклучиво за да соберат повеќе публика. Проблемот е што штеточините не се разликуваат нешто посебно од овие другите, и во добар дел од случаите доаѓаат спакувани како тестови, квизови или анкети.
Џејсон Коблер од Мадерборд како пример ја дава апликацијата „Typing Maniac“ по содржина ништо посебно злокобна, по собирање лични податоци речиси идентична со анкетата што Кембриџ Аналитика ја користи за собирање информациите од 50 милиони луѓе.
Коблер ја користи Тајпинг манијак и притоа на Фејсбук и има дадено пристап до списокот на свои пријатели, статус на врска, роденден, вработувања, статуси на ФБ, образование, настани што ги посетувал, роден град, актуелен град, фотографии што ги објавил и фотографии на кои е тагиран, религиозни и политички гледишта, видеа, веб страна и лајкови.
Апликацијата е на компанијата Метрогејмс, во чија политика за приватност пишува „може да собира информации за корисникот од други извори, како весници, блогови и сервиси за инстант пораки.“ Во истата политика е нагласено и дека таа може со трети страни да споделува лични информации кои можат да го идентификуваат корисникот, само кога тоа „е дозволено од корисникот“, ама има и еден амандман на ова дека тие ќе ги искористат анонимните податоци без разлика на подесувањата на корисникот: „тоа првично го правиме за персонализирање на рекламите и промоциите. Ние тоа го сметаме за бенефит за корисникот.“
Работата е што Метрогејмс е само една од стотината апликации на која просечниот корисник на Фејсбук и има дадено пристап до своите информации, и за ниту една од нив никој не може да биде сигурен што направила со податоците што ги собрала од него.
„Поентата е дека, иако специфичниот начин на кој Кембриџ аналитика ги употребува податоците од корисниците на Фејсбук во корист на политичка кампања е нешто што до сега не е видено во толкав обем, тоа е точно типот на употреба за која Фејсбук платформата е создадена, кој со години се олеснува, и продолжува секој ден да се спроведува.
Во својата срж Фејсбук е платформа за рекламирање која речиси сите пари ги заработува затоа што таа и компаниите што ја користат толку многу знаат за тебе.
Фејсбук продолжува да е финансиски успешна компанија токму затоа што нејзината платформа го овозможи персонализираното таргетирање на поединци што Кембриџ аналитика го спроведе,“ пишува Коблер.
За волја на вистината Фејсбук изричито бара од апликациите да не ги продаваат корисничките податоци што ќе ги соберат. Но, за волја на вистината ова правило е ретко спроведено од Фејсбук, или пак воопшто може да биде спроведено. Пример, една компанија по сите правила собира податоци од корисниците, потоа таа компанија се продава на нов сопственик. Во пакет со компанијата одат и податоците, со таа разлика што новиот сопственик никако не одговара за тоа што ќе прави со нив.
Начинот на кој Кембриџ аналитика ги собра податоците од милиони Американци и пред и по тоа е повторен од неброени компании низ цел свет. И ова се истите податоци што секој ден се користат „за да ти продадат чевли или апликација за медитација или политички кандидат.“
Сето ова започнува кога Фејсбук го креира АПИ-то што дозволува собирање податоци од нивната платформа.
„Луѓето почнаа манијакално да пишуваат апликации - фото на денот, квизови, секакво ѓубре што луѓето би го инсталирале само за ти да собереш што е можно повеќе корисници за да имаш што е можно поголема база. Апсолутно имаше и случаи кога луѓето направиле некоја Фејсбук апликација заради забава, собрале огромна база на корисници, и потоа апликацијата ја продале за милиони долари на маркетинг компанија,“ објаснува Кристо Вилсон од Нортистерн Универзитетот, кој го изучува рекламирањето на Фејсбук.
Ниту една постапка што Кембриџ аналитика ја прави на Фејсбук не е вон стандардните практики за рекламирање или алатките што ги нуди мрежата. Компанијата откако ги собира податоците за милионите корисници, само треба добро да ги преработи и да види кого точно сака да таргетира, по што преку функција овозможена од Фејсбук таа може на платформата да аплоудира ЦВС фајл со сите детали и да остави социјалната мрежа да работи во нејзина користи и да ја шири нејзината порака.
„Иако Фејсбук направи одредени промени за подобра контрола на приватноста, основната математика не се менува, и се уште важи старата поговорка: ако не плаќаш за нешто, тогаш ти си производот,“ пишува Коблер.