Тоа што ваквите врски изгледаат незамисливи е само затоа што се трга од претпоставката дека „Фејсбук за тебе го знае она што му го имаш кажано.“ Сето ова е многу помалку мистериозно ако се има предвид дека паралелно со твојот профил, Фејсбук има уште едно досие за тебе, што не можеш ниту да го видиш, ниту да го контролираш, нешто што Гизмодо го нарекува „профил во сенка“. Овој профил меѓу другото е составен од контакти од меил сандачињата и смартфоните на сите останати Фејсбук корисници.
Принципот за собирање на овие информации, колку и да дава морничави резултати, не е ни најмалку нелегален. Ако ти не му дозволиш на Фејсбук да пристапи до твоите телефонски или меил контакти, тој нема ни поглед да фрли натаму. Меѓутоа двајца твои пријатели, еден колега и еден човек што те има во телефон заради оглас од пред 5 години, кои го имаат запишано твоето име покрај твојот мобилен број и твојот меил, му дале на Фејсбук да ги провери нивните контакти. Фејсбук ги собира податоците од сите нив, вади едно НЗС на сите различни имиња под кои си запишан и тоа го врзува со твојот профил. По пат, прави споредба и колку пати си се нашол во ист именик со друг контакт, и колку различни контакти го имаат твоето име и број. Во првиот случај, тоа е индикација дека ти и другиот контакт од листата најверојатно се знаете, во вториот случај, тоа е индикација дека двата контакти може се познаваат меѓу себе.
„Фејсбук не го проверува работниот меил на адвокатот. Меѓутоа најверојатно од претходно веќе го има овој меил, дури и ако адвокатот никогаш им го нема дадено. Ако некој што го има мејлот на адвокатот решил да го сподели истиот со Фејсбук, компанијата може да го поврзе со секого што ја имал оваа меил адреса во своите контакти, што тука е еден од противничките адвокати во еден од судските случаи,“ објаснува Кашмир Хил во текстот за Гизмодо.
Иако ги имаат на располагање и контактите аплоудирани од корисниците на Вотсап и Инстаграм, од Фејсбук тврдат дека за сега препораките во „People You May Know“ се базираат исклучиво од контактите аполудирани на Фејсбук или на Месинџер.
„Акумулацијата на податоци од контакти од стотици луѓе значи дека Фејсбук веројатно ја знае секоја адреса на која некогаш си живеел, секој меил што некогаш си го искористил, секој фиксен или мобилен телефон што некогаш си го имал, сите твои прекари, кој било профил на социјална мрежа што е поврзан со тебе, сите твои сметки на апликации за инстант пораки, и сè друго што некој можеби има додадено за тебе во нивниот телефонски именик,“ пишува Хил.