Во тужбата што на 29 јули беше поднесена во Калифорнија, се тврди дека Виза била дел од криминален заговор со Мајндгик (фирмата зад Порнхаб и уште неколку други порно сајтови) за да монетизира детска порнографија.
Односно дека „Виза знаела дека веб-страните на Мајндгик се преплавени со монетизирана (им плаќа на авторите) детска порнографија“; и дека има:
„Криминална согласност за финансиски бенефит од детска порнографија што може да се заклучи од одлуката (на Виза) да продолжи да го признава Мајндгик како трговец и покрај тоа што наводно знае дека Мајндгик има монетизирано значителни количества детска порнографија...
Судот може комотно да заклучи дека Виза имала намера да му помогне на Мајндгик да монетизира детска порнографија со тоа што свесно обезбедила алатка што се користи за комплетирање на кривичното дело“.
Според судијата во случајот, Кормак Карни, кога Мајндгик одлучил да монетизира детска порнографија, а Виза одлучила да продолжи да дозволува нејзината мрежа за плаќање да се користи во таа цел и покрај знаењето дека Мајндгик монетизира детска порнографија „тогаш е сосема предвидливо дека жртвите на детската порнографија, како тужителите, ќе ги страдаат последиците што ги навеле.“
Двете корпорации се вадат на тоа дека тие биле против детска порнографија и користење на нивните технологии во име на истата, како и тоа што сè имаат направено за да спречат ширење детска порнографија.
На 20 јуни Њујоркер објави експозе во кое се тврди дека на Порнхаб има сексуално експлицитни неконсензуални видеа вклучувајќи и такви со деца.
Мајндгик и Виза се тужени од Серена Флеитес, која на 13-годишна возраст под притисок од тогашниот дечко снима сексуално експлицитно видео, кое потоа тој го објавува на Порнхаб без нејзино знаење или согласност. Видеото е прегледано милиони пати.
Флеитес е една од 34-те поединечни тужители кои минатата година ги тужеа Порнхаб и Мајндгик, заради наводна експлоатација и монетизација на детска порнографија, видеа со силување, украдени содржини и останати неконсензуални содржини.