Анализата на податоци покажа дека дошло до значаен пораст на спам пораки а “твитањето со голема, постојана стапка во текот на денот укажува на автоматизација“, истакна директорот на Стенфорд Интернет Опсерватори, Алекс Стамос.
Утврдено е дека некои „корисници“, кои речиси воопшто не биле активни со години, сега генерираат и по над 2000 твитови на ден. Сето ова се прави за Кинезите да не можат да бидат во тек со настаните, и во случај да сакаат да ја следат состојбата на Твитер, да мораат да навигираат низ хаосот што го создаваат ботовите.
Причина за немирите е гневот околу нула-ковид мерките заради кои најмалку десет лица живи изгореа во пожар во зграда во Урумки, бидејќи не можеа да излезат од дома затоа што вратите им беа блокирани од надвор како дел од карантинот против ковид што беше воведен во градот. Откако излегоа на улица, сега граѓаните протестираат против повеќе работи, меѓу кои и владеењето на Ши Џинпинг.
Во најмалку девет града, меѓу кои и Пекинг, Шангај и Вухан, луѓето скандираат пароли и отворено бараат негова оставка. Дописничката на холандски Троу, Ева Рамело, која цела декада известува од Кина, вели дека никогаш не видела ништо слично за време на нејзиниот престој таму и дека бесот ја прелил чашата.