Зошто Холивуд ги пушти кината низ вода

Цела година Холивуд ја пролонгира премиерата на своите најголеми блокбастери за 2020, филмови како Црната вдовица на Марвел, Вондер воман и Бетмен, кои стандардно заработуваат по 1 милијарда долари на кино благајните. Единствен исклучок беше Бонд на студиото МГМ, кое им вети на кино-операторите дека во ноември ќе има премиера. Минатата недела и МГМ откажа.

 Иако дo минатата среда МГМ ги уверуваше кино-операторите дека нема да има одлагања, само два дена подоцна тие се предомислија. Тоа што смени последниве неколку недели е што бројот на ковид-19 случаи во Европа продолжи да расте, а гувернерот на Њујорк и понатаму не даде никаков ишарет дека планира да ги отвори кино-салите. На крај МГМ објави дека најновиот Бонд е одложен за 2021.

Другата страна на приказната е дека Холивуд ќе треба своите прескапи филмски проекти да ги пушта пред главно празни кино-сами, да ги понуди он-лајн со значителна финансиска загуба или едноставно да ги одложи за подобри времиња. Со неколку исклучоци, речиси сите се решија за последната опција.

Ваквата дупка на кино-салите се случува по рекордната 2019 кога приходите од продажба на кино-влезници изнесуваше 43 милијарди долари (43.000.000.000). Иако рекордот повеќе се должи на кревање на цената на кино-влезниците отколку на раст на публиката, сепак се 43 милијарди долари.

Околу предлозите и шпекулациите кино-операторите да бидат купени од филмските студија, финансиските советници на овие вторите порачуваат да не се очекува такво нешто бидејќи:

„На студијата им е подобро да дозволат кината да банкротираат и подоцна да се вратат како поздрави компании без никаква задолженост.“

И покрај приходите од минатата година, трите најголеми американски кино-оператори имаат долгови од по неколку милијарди долари.

Вака неповолната година за кино-операторите е прилично добредојдена за филмските студија кои сега се во помоќна позиција за да преговараат за условите под кои се пуштаат нивните филмови, нешто што до сега никако не им успеваше да го испреговараат по свој мерак.

Уште една пост-ковид прогноза е дека филмовите со среден буџет, па дури и некои блокбастери, многу пократко ќе се прикажуваат во кино-салите пред да завршат на некој стриминг сервис, „неколку седмици, наместо неколку месеци“. За филмови како романтични комедии се предвидува дека веројатно воопшто нема ни да се појавуваат во кино-сали, туку инстантно ќе завршат во библиотеките на стриминг сервисите.

Познавачи на работите објаснуваат дека студијата периодов добиле и до 3 пати поголеми понуди од стриминг сервисите за своите филмови, отколку пред пандемијата.

Сепак за големите блокбастери кои чинат меѓу 200 и 300 милиони долари за да се снимат и рекламираат стриминг сервисите нема да завршат работа. Така, Мулан кој чинеше 200 милиони долари само за да се сними, не успеа да ги покрие ни овие трошоци со комбинираната он-лајн и кино премиера.

8 октомври 2020 - 17:22