Дебатата околу позицијата на Безос е во однос на тоа дали Амазон е монопол и дали антимонополските закони можат да бидат аплицирани на компанија чие ширење доведува до поевтинување на производите за крајниот корисник.
"Причината за растурање на монополите во индустриската економија беше дека тие имаа тенденција да ја преземат контролата врз платформите преку кои нивните производи се дистрибуираат. Најголемите нафтени компании на крај ја контролираа испораката и рафинериите, авио-компаниите контролираа премногу влезови, а телефонските компании ги контролираа жиците.
Меѓутоа во дигиталната економија, бизнисот е во платформата. Содржините на Нетфликс ја продаваат нивната платформа. Уредите на Епл го продаваат нивниот 'екосистем'. Бизнисот на Амазон со книги беше само најлесниот начин да се 'стави нога' - во дотогаш неефикасниот пазар - и да се воспостави монопол на платформата," пишува Даглас Рушкоф во Фаст компани.
Според него проблемот е што вака поставената компанија не ги согледува долгорочните последици на своите постапки, па Амазон ги третира издавачите на книги исто како што Волмарт на времето ги третираше новите пазари:
"Ја користиш резервата во капитал за симнување на цените, ги оставаш конкурентите без работа, стануваш единствен работодавец во околината, ги претвораш вработените во хонорарци, лобираш за дерегулација, и екстракција на целата вредност од регионот пред да го затвориш дуќанот и да продолжиш на следната локација."
Разликата е што за ваквиот циклус на екстракција во реалниот свет се потребни децении, додека во дигиталната економија тој се затвора за неколку месеци.
"Не е дека интернет основачите некако се порасипани отколку нивните претходници. Туку едноставно кога компаниите се платформи, преживувањето и проширувањето се иста работа," објаснува Рушкоф.
Слабоста на овие платформи е што нивните бизнис планови се базираат на застарени книги од индустриското доба, каде екстракцијата на вредност е главната цел. Курцшлусот настанува затоа што интернет серверите и финансискиот капитал можат речиси бесконечно да се надградуваат, ама реалниот свет не може, и тоа Безос ќе го почувствува кога истата логика од Амазон ќе ја наметне на продажбата на органска храна. Тоа што тој може да обезбеди сервери и услуга 12 месеци во годината во кој било дел од САД (и светот), не значи дека истото ќе може да го направи и со храната:
"Не дека Хол фудс некогаш бил одржлив бизнис сам по себе. Здрава храна и одржливо земјоделство едноставно не се компатибилни со 12 месечно летно производство во сите 50 држави.
Ако сакаме да се справиме со разорувачкиот потенцијал на монополот на Амазон, мора да се соочиме со многу повеќе отколку начинот на кој една компанија успеала да стекне контрола на повеќе вертикали. Мора да видиме дека дигиталните платформи ги употребуваме исклучиво во корист на застарениот модел на раст со екстракција од индустриското доба, и да одлучиме дали сме способни да се надградиме на вистински дигитална и дистрибуирана форма на капитализам. Ова значи прифаќање на кружни, па дури и модели базирани на приходи кои ќе го одржуваат нашиот пазар - наместо едноставно да го колонизираат."