Претседателот на Кипарската комора за трговија и индустрија, со гордост зборува како успеваат да соберат кинески инвестиции благодарејќи на „привлечниот даночен систем“ во земјата во комбинација со практикување европски закони и институционална рамка. На се што е посеверно на континентов не му е јасно дали Кипраните на шала тераат дека Кина ја бендисала нивната економија, или сериозно не се свесни дека служат како задна врата за влез на една од најголемите и најагресивни светски економии во ЕУ.
И без Кипар, Европејците се прилично извадени памет од пенетрацијата на Кина која веќе поседува сè од пристаништа во Шпанија, Грција и Белгија, до аеродром во Германија, удел во нафтени платформи во Северното море, и фудбалски клубови во Англија и Италија.
Во Никозија, кинескиот амбасадор зборува за „огромниот потенцијал“ кој го дава новиот кинески Пат на свилата кој треба да ја зголеми билатералната трговија меѓу двете држави на над 1 милијарда долари, што е некаде околу 5% од вкупната вредност на сите добра и услуги што годишно се произведуваат во Кипар.
Освен муабет, на терен милијардерот Лоренс Хо ги објави плановите на островот да го изгради најголемиот интегрирани касино ресорт во Европа со вредност од 670 милиони долари. Џим Чанг глобал груп веќе инвестира 123 милиони евра во хотел од 5 ѕвезди и станбен комплекс во близина на Аја Напа. Кина комуникејшнс констракшн груп е еден од двата финалисти на наддавањето за контролирање на главниот аеродром во Кипар и соседното пристаниште. Веќе се разработуваат планови за воведување директни летови до Кипар за Пекинг, откако кипарската Кобалт ер доби инекција капитал од кинеската Авиејшн индустри корп.
Ваквиот развој на настаните е забележан и од ЕУ, каде во извештајот „Кина пред портите“, изработен од Европскиот совет за надворешни работи, се наведува дека Пекинг се обидува дополнително да ја подели ЕУ со цел протуркување на своите интереси.
Од данскиот премиер, па до Меркел и Макрон на никој не му е ни најмалку пријатно ваквото ширење на Кина. Не дека само Кипар е лесен на кинески пари, истите успеаа да најдат начин како за 4,5 милијарди долари да го купат германскиот производител на роботи Куга АГ, а пред некое време и за 9 милијарди долари да купат сериозен пакет од акциите на мајката компанија на Мерцедес, Дајмлер АГ.
Разликата е што додека во Германија проблемот е што Кина дошла до „скапоцените камења на германската индустрија“, во Кипар и помалите ЕУ држави ризикот повеќе е од „влијание на терен и лобирање, а не зависност“ од Кина.
Како пример се дава Грција, која во целата финансиска криза контролниот пакет од пристаништето во Пиреа го продаде на кинески инвеститори, а потоа и голем удел во националната енергетска мрежа заврши кај позивен број. Неколку години подоцна, во 2017, Грција ја блокираше изјавата на ЕУ во Обединетите нации во која се критикуваше состојбата на човековите права во Кина.
За физички лица Кипар и на Кинезите им го нуди истиот аранжман кој од распадот на СССР важеше за илјадници богати Руси - инвестирај 2 милиона евра во кипарски бизнис или недвижнини и добиваш ЕУ пасош.