Треба ли воопшто да постојат милијардери?

Следејќи го успехот на некои кандидати на демократите на изборите во ноември, во САД, пред следните претседателски избори, сериозно почнува да се разговара на темата социјални права и правдини. Во овој муабет неизбежно главни негативци се луѓето кои успеаа да станат милијардери на сметка на растечката разлика меѓу најбогатите и остатокот од американското општество.

Ако до сега идеите за зголемено оданочување на најбогатите беа ексклузива на крајно левите економисти и прогресивци, сега за истото решение зборуваат сите од ѕвездата на минатите избори за конгрес Александрија Окасио-Кортез, до потенцијалниот претседателски кандидат на демократите Елизабет Ворен.

„Не ни требаат милијардери. Економијата во минатото имала подобри резултати без милијардери,“ објаснува директорот на левичарскиот Рузвелт институт, Маршал Штанјбаум.

Ставот на Штанјбаум е дека повисоки даноци на најбогатите ќе значи ослободување на повеќе пари за сите останати, објаснувајќи дека ако економијата ја замислиш како пита, моментално богатите ја добиваат речиси целата, додека за сите други заедно останува само едно парче.

„Ако ги зголемиш даноците на најбогатите, нивниот стимул да ја зграбат секоја можна трошка се намалува. Теоријата е дека тие помалку ќе се борат за стагнирање на платите на сите останати доколку знаат дека секој дополнителен милион што ќе го заработат речиси целиот ќе отиде на данок. Така, високо платен ЦЕО има помалку стимул да ги држи платите на работниците ниски за тој да добие поголем чек,“ пишува Емили Пек во текстот за Хафингтон.

Изминативе неколку децении беа обележани со константен раст на бројот на милијардери и нивно богатство. Кога во 1982 Форбс прв пат ја објавува својата листа на 400 најбогати Американци, најбогатиот човек на списокот има богатство од 2 милијарди долари (или 5,2 милијарди во денешни пари). На најновата листа на Форбс, на прво место е Џеф Безос, со 160 милијарди долари (160.000.000.000).

Нормално, ултра-богатите не се ни најмалку лагодни околу тоа што луѓе почнаа да зборуваат за нивните пари. На страна Републиканците и нивните медиуми, еден од потенцијалните претседателски кандидати на Демократите, Хауард Шулц, поранешен ЦЕО на Старбакс, проценет на 3,4 милијарди долари, ја напушти Демократската партија откако таму почна да се зборува за зголемени даноци за богаташите, и реши да се кандидира како независен.

Во текстот се потсетува дека милијардерите воопшто немаше да можат да стигнат до таму каде што се сега без помош од државни услуги платени од данок. И ова не ги опфаќа само работниците во магацините на Амазон, кои Безос може да ги плаќа бесрамно ниско само затоа што дел од нивните трошоци за живот се покриени од социјално, туку и примери како Бил Гејтс, кој успева да ги направи милијардите благодарејќи на строгите авторски права и заштита на патенти спроведена од американските власти. Стив Џобс во своите изуми користи изобилие на технологија чие создавање е финансирано од американскиот буџет, слично како и Гугл кој вади огромна корист од истражувања финансирани од државата.

„Никој не заработува милијарда долари. Милијарда долари се ЗГРАБУВААТ.

Ги грабаш од животната средина... Ги собираш користејќи заштита на патенти,“ порачува економистката и поранешна советничка на Берни Сандерс, Стефани Келтон.

Или како што Окасио-Кортез ги објасни работите „Секој милијардер е неуспех на некоја политика“.

1 февруари 2019 - 12:16