Британскиот месечник „Проспект", кој покрива главно политика и економија, а за кој пишуваат автори како Фукујама, Куци или Маргарет Атвуд, спроведе анкета за светски мислител за 2013. Заснован на повеќе од 10,000 гласови од над 100 земји, од овој преглед на првите десет можеби и не треба да се извлекуваат кој знае какви заклучоци, но тој сепак покажува некаков интелектуален (западен?) тренд, а содржи и кратки биографии на „добитниците", па човек може и да ги запознае ако прв пат слуша за нив.
1. Ричард Докинс
Кога оксфордскиот еволутивен биолог пред 37 години го воведе терминот „мема", во неговата книга „Себичниот ген", тој сигурно не можеше да предвиди дека со него ќе се опишуваат интернет заебанции. Негов омилени теми - атеизам, популаризација на науката и рационализам. Има Твитер акаунт со повеќе од половина милион следбеници, а во март се појави на Симпсонови позајмувајќи го гласот на демонската верзија на себеси.
2. Ашраф Гани
По неколку децении предавање за градењето држави на Колумбија, Беркли и Џон Хопкинс, гани се вратил во неговиот роден Авганистан да се занимава токму со оваа работа. Работел како министер зафинансии во земјата и советник на ОН по прашањето на трансферот на моќта на Авганистанците.
3. Стивен Пинкер
Познат по неговата долгогодишна работа на теми поврзани со јазикот и когницијата, во неговата најнова книга „Подобрите ангели нанашата природа" го брани ставот дека човештвото станало помалку насилно во текот на историјата. Да, да, добро прочитавте, помалку насилно. Колку и да звучи интуитивно неприфатлива, тој оваа теза ја брани со докази од еволутивната психологија и историјата, со стил кој е лесно достапен и елегантен.
4. Али Алави
Ја започнал кариерата во Светската банка, пред да стане професор и на крај политичар - ирачки министер за трговија, финансии и одбрана по падот на Садам Хусеин. Оттогаш има напишано неколку книги, како „Криза на исламската цивилизација", а во моментов гостува како предавач на Принстон.
5. Пол Кругман
Остар критичар на десничарските економски политики, Кругман стана нешто како глобална опозиција на фискалото штедење. Неговите колумни во Њујорк тајмс се толку популарни, што ја ставаат во втор план дури и неговата Нобелова по економија.
6. Славој Жижек
Критичарите на Жижек не можат да се одлучат дали е тој будала или „лошко". Некои го нарекуваат „најподол филозоф на запад", но легијата фанови на Словенецот продолжува да расте. Само минатата година продуцираше студијаза Хегел на 1,200 страници и документарец (кој е на програмата и на Скопскиот филмски фестивал кој е во тек) под наслов „Перверзен водич низ идеологијата". И сето тоа дур предаваше на универзитети во Словенија, Швајцарија и Лондон. Негова дефиниција на идеолошки опасни четива - „Кунг-фу панда". А богами во истата категорија се и неговите.
7. Амартја Сен
Со 80 години најстариот мислител на списокот, но исто така и еден од најактивните. Стана популаренво раните1980-ти со студиите посветени на светскиот глад. Од тогаш има дадено својпридонес кон развојната економија и теоријата на социјален избор. Ја доби Нобеловата за економија во 1998 заради „обновување на етичката димензија на дискусијата околу виталните економски проблеми)
8. Питер Хигс
Англискиот физичар кој му го позајми името на бозонот, и прв укажа на неговото постоење во далечната 1964. Се очекува да ја добие Нобеловата за физика оваа година.
9. Мохамед ЕлБарадеј
Поранешниот генерален секретар на Меѓународната атомска агенција на ОН и добитник на Нобеловата награда за мир за 2005, тој е еден од најистакнатите адвокати на демократијата во египетската политика во изминатите две години.
10. Даниел Кejнман
Иако по образование е психолог, неговото истражување на тоа како донесуваме ирационални одлуки помогна во креирање на полето на бихејвиорална економија, и во 2002 му ја донесе Нобеловата за економија. По објавувањето на книгата „Мислење, брзо и бавно" во 2011, Канеман е постојано на листите на бестселери.
Продолжението на листата тука.